Германија е во станбена криза откако во 2025 година биле завршени само 206.600 станови, најмалку од 2012 година, покажуваат податоците на германскиот Сојузен завод за статистика, во момент кога побарувачката за достапно домување останува висока, а градежниот сектор е притиснат од високи трошоци, камати и долги процедури.
Падот е силен и јасен. Во споредба со 2024 година, во Германија биле завршени 45.400 станови помалку, односно 18 проценти помалку. Тоа е втор последователен голем пад, бидејќи и во 2024 година бројот на завршени станови се намалил за 14,4 проценти. Во периодот од 2021 до 2023 година Германија годишно завршувала околу 294.000 станови, што покажува колку брзо се продлабочила кризата.
Најмногу боли тоа што падот се случува во земја која со години ветуваше масовна изградба на нови домови. Политичката цел од 400.000 нови станови годишно остана далеку од реалноста, а новата бројка од 206.600 завршени станови практично ја покажува половината од тоа ветување.
Проблемот не е само во тоа што се гради помалку, туку и во тоа што веќе одобрените проекти тешко се завршуваат. На крајот на 2025 година во Германија имало 760.700 одобрени, но незавршени станови. Од нив, 307.200 веќе биле во градба, што покажува дека кризата не е само во дозволите, туку и во финансирањето, роковите и изведбата.
Германската влада се обидува да одговори со таканаречен „градежен турбо-механизам“, кој треба да ги скрати процедурите и да им овозможи на општините побрзо да одобруваат станбени проекти. Но бројките засега ја покажуваат спротивната слика: кризата на пазарот на домување се продлабочува побрзо отколку што политиката успева да ја реши.
За граѓаните, ова не е само статистика. Помалку нови станови значи поголем притисок врз кириите, потешко купување сопствен дом и уште поголема неизвесност за младите семејства, студентите и луѓето со средни приходи.
