Гигантот што ја обуваше Југославија денес бара сламка за спас

Гигантот што ја обуваше Југославија, легендарното „Борово“ од Вуковар, денес се бори за опстанок со околу 500 работници, откако во своето најмоќно време вработуваше повеќе од 23.000 луѓе, произведуваше милиони пара обувки годишно и беше еден од најпрепознатливите индустриски симболи на поранешната држава.

Приказната за „Борово“ почнува во триесеттите години од минатиот век, кога чешкиот индустријалец Томаш Бата ја поставува основата на фабриката во близина на Вуковар. Од локална производствена приказна, „Борово“ со децении растеше во индустриски комплекс што не произведуваше само обувки, туку и цел работнички свет со населби, спортски објекти, училишта, кино, библиотека и сопствени фабрички медиуми.

По Втората светска војна, фабриката станува еден од моторите на југословенската индустрија. Производството опфаќаше обувки, гумено-техничка стока и автомобилски гуми, а извозот особено силно растеше во седумдесеттите години. Во осумдесеттите, „Борово“ го достигнува врвот со околу 23.800 вработени, 23 милиони пара обувки годишно, 12.500 тони гумено-техничка стока и повеќе од 580.000 автомобилски гуми.

Најпознатите производи, „Боросана“ и „Стартас“, одамна ја надминаа границата на обичен фабрички артикл. Тие станаа дел од секојдневието и од колективната меморија на неколку генерации. „Стартас“ посебно се прослави како официјална обувка на Универзијадата во Загреб во 1987 година, кога годишно се продавале милиони пара.

Но индустриската приказна почна да се лизга уште во втората половина на осумдесеттите. Проблемите со продуктивноста, конкурентноста и прекумерната вработеност го ослабуваа системот однатре, а војната, губењето на пазарите и доаѓањето на глобалната конкуренција подоцна го урнаа моделот врз кој „Борово“ ја градеше својата моќ.

Денес компанијата е речиси целосно во државна сопственост и, според објавените информации, работи со загуби. Во јавноста се појавија наводи дека сингапурската компанија „Еурека инвестмент“ направила длабинска анализа поради интерес за партнерство, додека хрватскиот Центар за реструктуирање и продажба повикал стратешки инвеститор под договор за доверливост.

„Борово“ и натаму се претставува како продолжение на голема производствена традиција и како дел од идентитетот на Вуковар. Но бројките ја покажуваат суровата страна на транзицијата: фабрика што некогаш беше град во град, денес бара партнер за да преживее во економија во која носталгијата не може да ги плати сметките.

Најчитано