ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Класика од Бенињи, документарец за Годар, концерт на „Фаме’с“ и Роланд, изложба на фотографии и слики

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела за вас избравме неколку филмови, изложби на фотографии и слики, концерт. Гледајте, слушајте, читајте…

Филмови: Документарец за Годар и класична комедија на Бенињи

„Годар: човекот-филм“ на Сирил Лоти во МСУ го најавува фестивалскиот фокус на Филозофскиот филмски фестивал

Во Музејот на современата уметност, вечерва (петок, 19 мај) во 20 часот ќе биде прикажан филмот „Годар: човекот-филм“ (Godard Cinema, 2022) на Сирил Лоти (Cyril Leuthy), како најава на годинешниот фокус на ФФФ посветен на францускиот филмски великан Жан-Лик Годар.

Годинешната фестивалска максима, „Сè e филм, во множина“, на ниво на синтакса, повторува една Годарова постапка: брзиот и неочекуван монтажен засек. Затоа и запирката, која не е чест гостин во слогани, тука ни се чини и сосема посакуванa.

Режисерот на филмот „Годар: човекот-филм“, Сирил Лоти, вели дека „она што најмногу привлекува и мотивира кај Годар е тоа што тој допушта сè: ги ослободува режисерите да бидат смели, да експериментираат, да ги предизвикуваат навиките“.

Маршрутата на Годар следи само една насока: постојано обновување на својата уметност. Креативниот чин го гледа како неопходен чин на критика и деконструкција. Годар во една прилика ќе рече: „Секогаш поаѓам од негативното. Јас сум позитивен човек кој тргнува од негативното.“

Уметник кој неуморно се преосмислува и кој неизбежно се уништува. Документарниот филм е видео-портретот кој нè носи подалеку од клишеата на митот којшто некогаш станува и карикатура, за да сретнеме човек посентиментален отколку што изгледа, човек опседнат, а понекогаш и надминат од својата уметност.

„Годар: човекот-филм“ беше премиерно прикажан во програмата Филмски класици (Venice Classics) на Венецискиот филмски фестивал во 2022 година.

Проекцијата на „Годар: човекот-филм“ е на 19 мај (петок), во 20 ч. во МСУ.

Ни преостанува да плачемена Неделата на италијански филм

„Ни преостанува да плачеме“ (Non ci resta che piangere) е класик на италијанската кинематографија од 1984 г. Филмот е неверојатен спој на два извонредни таленти на комедијата и на нивните вештини и како актери и како режисери, Роберто Бенињи (Roberto Benigni) и Масимо Троизи (Massimo Troisi). Наполитанец и тосканец, два различни света, но слични во начинот на кој се исмеваат со реалноста, вклопени во интересна раскажувачка рамка во која секој парадокс е дозволен, а желбата за игра е поважна од секоја утврдена форма или структура.

Филмот ја раскажува приказната за двајца пријатели кои ќе се најдат во една бура што ќе ги врати назад во времето, сè до 1492 година. Повеќе секвенци од филмот, како таа што ја прикажува нивната средба со Леонардо Да Винчи, се иконични делови од историјата на италијанскиот филм.

Проекцијата на филмот е на 19 мај (петок) во 20 ч. во рамките на Неделата на италијански филм во Кинотеката.

„Earth4All“: Концерт на Младинскиот оркестар на ЕУ и „Фаме’с“ со виолинистот Даниел Роланд

Младинскиот оркестар на Европска унија (EUYO) и оркестарот на европскиот изведувачки институт „Фаме’с“ кој работи во Скопје ќе одржат заеднички концерт. На програмата се дела од Јохан Себастијан Бах, Харисон Биртвисл, Тери Рајли и Антонио Вивалди, а како солист ќе настапи еден од најдобрите бритaнтски и светски виолинисти – Даниел Роланд. Концертот е насловен „Earth4All“ и претставува своевидна платформа на активизам во која преку музиката ќе биде упатена моќна порака за заштита на животната средина, демократијата и одржливоста на нашата планета.

Младинскиот Оркестар на Европска Унија – EUYO е еден од најеминентните симфониски оркестри. Составен е од 120 селектирани музичари (селекција од 2500 пријавени кандидати) на возраст од 16 до 26 години, кои доаѓаат од 27-те земји од ЕУ. На крајот на 2022 година, Оркестарот со гордост го претстави својот нов дом во Графенег, поддржан од Владата на Австрија. EUYO соработувал со голем број врвни светски музичари, почнувајќи од светски познатиот диригент Клаудио Абадо, кој е еден од основачите на овој оркестар, па се до нивниот шеф диригент -Василиј Петренко. 

Оркестарот досега реализирал стотици концерти на петте континенти, вклучувајќи ги настапите и на „БиБиСи Промс“, Карнеги Хол и Музиквереин во Виена. BBC Proms, Carnegie Hall и Musikverein во Виена. Неодамнешните проекти ги вклучуваат и серијата на концерти „Мир во Европа“, „Музички Хаб Австрија“ и „Кафе Баухаус“. Сите овие иновативни проекти се поврзани со тековните и моментални прашања кои ги засегаат општествата. EUYO е поддржан од програмата Креативна Европа при Европската Комисија и 27те земји членки на ЕУ.

Европскиот окрестарски изведувачки институт „Фаме’с“ претставува музички образовен центар создаден во рамките на компанијата „Фаме’с“ која се занимава со професионално снимање и продукција на музика. Овој проект е дел од програмата за Пан-Европски културни ентитети (CREA-CULT-2021-PECE), поддржан од Европската Унија.

Фаме’с институтот беше домаќин на голем број млади музичари од различни земји од Европа (земји учеснички во програмата Креативна Европа) како и врвни музички уметници кои ги раководеа активностите на оваа програма. Меѓу нив, се и диригентот Тимоти Редмонд, Колсимча бенд, Оливие Труан, Алистер Кинг, Луис Иварс, Франческо Тристано, Роб Мазурек, Бенџамин Шварц, Куареим Квартетот, Оливие Дежурс, Етијен Аблеин, Габриел Прокофјев, Игор Корети и Емили Дејвис.

Виолинистот Даниел Роланд (Daniel Rowland) е еден од водечките на светската музичка сцена. За него велат дека „звучи како ниту еден друг виолинист, и дека креира специфичен звук на инстриументот на кој што свири“ (Шарлот Гарднер, „Грамофон“), дека поседува „гламурозен тон“ (Ричард Бретби, „Грамофон“), „фасцинатен тон во кој има деликатни финеси“ (Тим Ешли „Гардијан“)…

Роланд се етаблира на светската музичка сцена како изведувач со харизма и авантуристички дух, кој изведува различен репертоар. Изведува музика од Бетовен, Брамс, Елгар, Корнголд, Прокофјев, Шнитке, а соработувал со водечки диригенти и солисти. Изведува и современа музика – концертите на Вакск, Линдберг, Глас, Саариаго и Ван дер Аа. Роуланд е и пасионарина камерен музичари, настапувал со Ајви Гитлис, Николас Даниел, Ана Федорова, Нино Гветадзе, Мајкл Колинс, Елвис Костело… Бил член и на кваретот „Бродски“, еден од водечки камерни состави во светот. Освен што редовно настапува на светските музички сцени, Роланд работи и како професор на Кралскиот колеџ во Лондон.

Концертот ќе биде одржан во концертната сала на Филхармонија во понеделник, 22 мај, со почеток во 20 часот.

Изложби: „Мазал Тов“ и слики на Трајче Чатмов

Во петок (19 мај), со почеток во 19 часот, во Меморијалниот центар на холокаутот во Скопје ќе биде отворена изложбата под наслов „Мазал Тов“ – Еврејските свадби во Македонија меѓу двете светски војни, во организација на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.

На изложбата, покрај фотографии, ќе бидат изложени и документи и предмети кои биле дел од обичаите на еврејските свадби во Македонија.

Самостојна изложба на Трајче Чатмов

Изложба на академскиот сликар Трајче Чатмов ќе биде отворена на 19 мај (petok), во 20 часот, во „Бифе Тафталиџе“. Ќе бидат изложени 35 дела на хартија на Чатмов.

Чатмов негува експресионистички ликовен израз, за кој вели дека му дава максимална слобода да заборави на техничките ликовни правила и едноставно да му се посвети на ловење на мигот, воден од моменталната лична експресија. Чатмов раскажува едноставни приказни и прикази што во моментот ги има на располагање како внатрешна вистина.

Изложбата ги претставува неговите слики со впечатлив колоритот, суштествено поврзан со приказната што се раскажува и е помошно средство за да се нагласат некои елементи со што би се истакнала драматиката во приказот, нагласувајќи ги чувствата што треба да бидат пренесени, а кои гледачот треба да ги доживее.

-Наивноста што се трудам да ја постигнам во моите дела се граничи на моменти со недостижната детска наивност во приказот на вистината, но сепак сум свесен за обременетоста на возрасниот човек со целиот свој социолошко-психолошки багаж – вели уметникот.

Трајче Чатмов (1971 г.) е дипломец на Факултетот за ликовни уметности, во класата на професорката Ана Темкова. Своето усовршување го продолжува повторно во областа на уметноста, но овој пат проширена во делот на филозофијата, и своите постдипломски студии ги завршува под менторство на професорот Родољуб Анастасов – сликарство и филозофија (естетика), под менторство на професорот Кирил Темков.

Имал самостојни изложби во Скопје, Велес, Битола, Врање и во Белград (Србија), а учествувал и на повеќе групни изложби низ Македонија и надвор: Германија, Полска, Словенија, Србија, Бугарија, Дубаи… Покрај со сликарство, се занимава и со фотографија, анимиран филм и документарен филм, за што и има добиено неколку награди во 1997/1998 година (најдобра камера и најдобра режија за краткиот документарен филм „Времиња“).

Треба да знаете
Moже да ве интересира