Граѓаните на Гостивар и денес не добија официјален одговор (иако се најавуваше) дали водата од градскиот водовод е загадена, што ја предизвикало масовната појава на стомачни тегоби и дали постои директна врска меѓу водоснабдителниот систем и повеќе од илјада пациенти што побараа медицинска помош. Резултатите од испитувањата сега се најавени за утре, 20 јули, по што Обвинителството треба да одлучи за понатамошната постапка. Молчењето и контрадикторните информации кои доаѓаат од кадрите на ВЛЕН во Гостивар и државните кадри на ВМРО-ДПМНЕ ја зголемува анксиозноста во јавноста, што точно се случува и дали има обид за затскривање на случајот.
Основното јавно обвинителство Гостивар соопшти дека е во постојана координација со Институтот за јавно здравје, каде што по наредба на јавен обвинител се анализираат примероците земени од гостиварскиот водовод. Според најавата, резултатите треба да бидат доставени до Обвинителството во понеделник, а јавноста ќе биде известена дури откако обвинителот ќе одлучи што ќе следува. Локацијата во Вруток и натаму е обезбедена по обвинителска наредба.
Со тоа одговорите повторно се поместуваат за наредниот ден. Во текот на неделата граѓаните добиваа различни информации – дека водата е исправна, дека проблемот најверојатно е во храната и високите температури, дека нема докази за мешање со отпадни води, а потоа и официјална забрана водата да се користи поради основано сомнение дека е загадена и небезбедна.
Министерот за здравство Сашо Клековски во саботата не даде конкретен рок за објавување целосен извештај, туку изрази надеж дека повеќе резултати ќе има од понеделник. Новото соопштение на Обвинителството ја потврдува таа временска рамка, но не кажува во колку часот ќе бидат готови анализите, дали ќе биде објавен целиот лабораториски наод и дали јавноста веднаш ќе ги добие измерените вредности од секој земен примерок.
Институтот за јавно здравје на 18 јули објави дека екипата излегла на терен по барање на Јавното обвинителство и зела примероци за микробиолошки и физичко-хемиски анализи. Лабораториската работа почнала во раните утрински часови во петокот и продолжила во текот на викендот. ИЈЗ соопшти дека резултатите ќе му бидат доставени на барателот, односно на Обвинителството, но не објави првични параметри или делумни наоди.
Забраната за употреба на водата останува во сила. Агенцијата за храна и ветеринарство ја воведе на 17 јули, откако при вонреден надзор било утврдено дека во главниот цевковод без одобрение била поставена пумпа која директно внесувала вода од реката Вардар во системот. Забраната треба да важи сè додека лабораториските тестирања не потврдат дека водата е безбедна.
ИЈЗ дополнително предупреди дека водата не треба да се користи за пиење ниту по превривање. Не смее да се користи за подготовка на храна, миење свежо овошје и зеленчук, правење мраз, кафе, чај, храна за доенчиња или миење заби. Угостителските објекти, градинките и домаќинствата треба да користат флаширана или друга официјално потврдена безбедна вода.
Во меѓувреме останува неусогласен и бројот на заболени. Министерството за здравство потврди дека во последното целосно објавено деноноќие биле примени 260 лица – 100 на детскиот и 160 на инфективниот оддел. Првите масовни случаи биле регистрирани ноќта на 13 јули, а официјално беше соопштено дека вкупниот број надминал илјада пациенти.
Рацин.мк објави дека бројот на лица што побарале медицинска помош достигнал околу 2.200. Истовремено, институциите сè уште немаат објавено единствен, дневно ажуриран регистар со бројот на прегледани, хоспитализирани, пуштени на домашно лекување и лабораториски тестирани пациенти. Разликата меѓу бројките дополнително ја отежнува процената на вистинскиот обем на здравствената криза.
Резултатот од водата нема сам по себе да даде одговор на сите прашања. За да се потврди причината за заболувањата, лабораториските наоди од водата треба да се споредат со резултатите од пациентите, времето на појава на симптомите, местото на живеење, користената вода и другите можни извори на инфекција.
Министерството соопшти дека покрај водата се испитуваат крвни примероци и копрокултури, со проверки за бактерии, вируси, паразити, тешки метали, аденовируси и ротавируси. До саботата биле спроведени само 18 епидемиолошки анкети, а бројот на земени копрокултури бил оценет како недоволен за целосна анализа.
Тоа значи дека дури и доколку утрешните анализи покажат дека земените примероци во моментот на тестирањето се во дозволените граници, тоа нема автоматски да докаже дека водата била безбедна во претходните денови. Примероците се земени откако масовното јавување пациенти веќе траело и откако спорната интервенција во системот била предмет на полициски и инспекциски надзор.
Од друга страна, доколку во примероците се откријат фекални бактерии, вируси, паразити, тешки метали или други недозволени материи, институциите ќе треба да утврдат од каде дошло загадувањето, колку долго траело, низ кои делови од мрежата се проширило и кој ја одобрил или спровел интервенцијата со пумпите.
АХВ официјално објави дека во главниот цевковод била поставена една неовластена пумпа, додека полицијата претходно соопшти сомнение дека биле поставени три пумпи во речно корито во близина на отпадни води. Оваа разлика, како и точната локација од која била зафатена водата, треба да бидат расчистени во истрагата.
Не е одговорено ниту кој донел одлука речна вода да се внесува во систем за вода за пиење, кој ја инсталирал опремата, колку време работела, дали биле известени здравствените и инспекциските органи и дали по интервенцијата била извршена целосна дезинфекција на мрежата.
По една недела со стотици нови пациенти дневно, цистерни и флаширана вода, забрана за користење на водоводот и кривична истрага, Гостивар и натаму нема единствен институционален извештај. Утре се очекуваат лабораториските резултати, но тие ќе бидат само еден дел од одговорот што им се должи на граѓаните.
До официјалното укинување на забраната, водата од градскиот водовод не треба да се користи за пиење и подготовка на храна, ниту по превривање.
