Грчки „Катимерини“: Преспанскиот договор оспорен во предизборните дебати во Северна Македонија

„Водачот на главната опозициска партија во Северна Македонија изјави дека доколку биде избран за премиер земјата ќе ја нарекува единствено како ‘Македонија‘, без оглед на договорот од Преспа од 2018 година со кој се реши спорот со Грција за името на земјата“, пишува грчкиот весник, кој важи за близок до владејачката Нова демократија на премиерот Киријакос Мицотакис, пренесува порталот 360 степени.

Изборната кампања за претстојните претседателски избори во земјава предизвика интерес во грчката јавност, пред сè, поради дел од изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за Преспанскиот договор и името на државава. Грчкиот весник „Катимерини“ посвети текст за еден сегмент од дуелот меѓу Мицкоски и лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, кој пред два дена се случи на ТВ Канал 5.

„Водачот на главната опозициска партија во Северна Македонија изјави дека доколку биде избран за премиер земјата ќе ја нарекува единствено како ‘Македонија‘, без оглед на договорот од Преспа од 2018 година со кој се реши спорот со Грција за името на земјата“, пишува „Катимерини“.

Според грчкиот весник, за време на телевизиската дебата во пресрет на парламентарните избори што се очекуваат на 8 мај, Димитар Ковачевски, лидер на владејачкиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), изрази загриженост за одбивањето на лидерот на десничарската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да го користи уставното име на земјата.

„Ковачевски рече дека ова одбивање може да предизвика проблеми со договорот од Преспа од 2018 година со кој, со поддршка на ООН, името на поранешната југословенска Република Македонија се смени во Северна Македонија“, пренесува грчкиот медиум.

„За мене, Македонија е и ќе остане Македонија. Моите предци би биле горди на мене за она што го правам за мојот народ и мојата земја“, го цитира „Катимерини“ лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Како што пишува грчкиот медиум, пренесува 360 степени, неодамнешните анкети укажуваат на водство на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните парламентарни избори, кои се совпаѓаат со втората рунда на претседателските избори во земјата, каде што сегашниот претседател и кандидат за СДСМ, Стево Пендаровски, се очекува да се соочи со Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ.

Треба да знаете
Moже да ве интересира