Артан Груби и натаму ќе остане во куќен притвор, откако Основниот кривичен суд Скопје ја продолжи мерката за уште 30 дена по предлог на Обвинителството. Заедно со тоа продолжува и надзорот, односно 24-часовното полициско обезбедување пред објектот каде што престојува во Чаир.
Поранешниот прв вицепремиер се врати во земјава на 23 февруари годинава, кога беше уапсен на граничниот премин Блаце при влез од Косово. По распитот и судската постапка, наместо во истражен затвор, заврши во домашен притвор, бидејќи обвинителството и судот ја прифатија оценката дека постојат индиции за безбедносен ризик по него и по неговото семејство.
Случајот против Груби се однесува на истрагата за набавката на ВЛТ апарати во Државна лотарија, во која, според истражните органи, штетата се проценува на повеќе од осум милиони евра. Во истиот предмет е опфатен и поранешниот директор на Државна лотарија Перпарим Бајрами, кој и натаму е во бегство.
Во јавноста овој случај има и поширока политичка тежина, бидејќи Груби уште во декември 2024 година беше ставен под американски санкции заедно со судијата Енвер Беџети. Американскиот Стејт департмент тогаш соопшти дека двајцата се означени поради вмешаност во значајна корупција и поткопување на довербата во владеењето на правото.