Иран и САД ја проширија војната врз клучната инфраструктура во Персискиот Залив, откако американските сили шеста ноќ по ред извршија напади врз јужен Иран, а Техеран возврати со ракети и беспилотни летала кон држави во кои се наоѓаат американски воени бази.
Американската Централна команда соопшти дека борбени авиони, воени бродови и дронови погодиле десетици цели, меѓу кои крајбрежни радари, противвоздушни системи, воена логистика и поморски капацитети.
Иранските власти објавија дека биле погодени најмалку пет моста, железничка станица и аеродром на југот од земјата. Нападната била и кула во пристаништето Чабахар, за која Вашингтон тврди дека служела за следење и координирање напади врз бродови.
Во ударите во покраината Хормозган загинале најмалку седум лица. Иранското Министерство за здравство соопшти дека од обновувањето на нападите загинале најмалку 38 луѓе, а повеќе од 400 биле повредени.
Иран возврати со напади кон Катар, Бахреин, Кувајт и цели во близина на американските позиции во регионот. Во Кувајт била оштетена електрана со постројка за десалинизација, која е дел од системот од кој земјата го добива најголемиот дел од водата за пиење.
Катар двапати ги повика жителите да се засолнат поради ирански ракетни напади. Едно дете било повредено од остатоци од пресретната ракета, додека Јордан соопшти дека неговата воздушна одбрана соборила три проектили.
Иранската Револуционерна гарда објави и напад врз американски команден центар во источна Сирија. Сириски воен извор потврдил дека имало напад во близина на Ал Танф, но не и дека била погодена самата база.
Техеран предупреди дека нападите ќе продолжат сè додека САД не ги запрат ударите врз јужниот дел од Иран. Револуционерната гарда тврди дека Иран има целосна контрола врз Ормускиот Теснец и дека низ него нема да се извезуваат нафта и гас додека траат американските напади.
Сообраќајот низ теснецот, низ кој во мирнодопски услови поминува околу една петтина од светската трговија со нафта, падна на најниско ниво во последните недели. Американските сили повторно воведоа поморска блокада на иранските пристаништа и почнаа да запираат бродови за кои тврдат дека се обидуваат да ја пробијат.
Цената на нафтата порасна за околу три проценти, а европската нафта „брент“ се искачи над 86 долари за барел. Дополнителна опасност претставува можноста борбите да се прошират и врз поморскиот сообраќај во Црвеното Море.
И покрај нападите, Пакистан, Катар и Египет продолжуваат со посредничките обиди за обновување на преговорите. Привремениот договор за прекин на огнот е практично распаднат, а преговорите за Ормускиот Теснец и иранската нуклеарна програма се запрени.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, изрази загриженост поради нападите врз цивилната инфраструктура во Иран и во другите земји од регионот.
