Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, во четврток нема да почне со издржување на едногодишната затворска казна во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.
Почетокот на издржувањето на казната е одложен откако Јакимовски поднел барање поради здравствени причини, информираат од Основниот кривичен суд Скопје.
Јакимовски требаше да се јави во затвор на 2 јули, согласно упатниот акт што претходно му го издал судијата за извршување санкции.
Од Судот посочуваат дека барањето за одложување било поднесено на 12 јуни, по што судијата веднаш почнал со проверка на приложената медицинска документација.
Документите биле издадени од две приватни здравствени установи. До нив биле испратени барања за проверка на 15 јуни, а на 26 јуни била испратена и ургенција, но одговорите сè уште не се пристигнати.
Судијата треба да утврди дали здравствените причини наведени во барањето се основани и дали постојат законски услови за подолго одложување на затворската казна.
Според член 144 од Законот за извршување на санкциите, судијата има рок од 30 дена од приемот на барањето да ги провери околностите и да донесе одлука.
До донесувањето на одлуката, почетокот на издржувањето на казната автоматски се одложува.
Јакимовски е правосилно осуден на една година затвор за бесправно градење, во предметот поврзан со изградбата на административната зграда на Општина Карпош.
Во казната ќе му биде пресметано времето поминато во куќен притвор од 19 март до 15 август 2019 година. Поради тоа, од едногодишната казна му остануваат за издржување уште околу седум месеци.
Во првостепената постапка Јакимовски доби единствена казна од три години и шест месеци за бесправно градење и злоупотреба на службената положба.
Апелацискиот суд ја потврди едногодишната казна за бесправното градење, додека делот за злоупотреба на службената положба го укина и го врати на повторно судење.
Јакимовски по одлуката на Апелација тврдеше дека е политички осуден и најави дека правната битка ќе ја продолжи пред Врховниот суд.
Кривичниот суд најави дека јавноста ќе биде информирана откако ќе пристигнат одговорите од здравствените установи и судијата ќе донесе одлука по барањето.
