Кошта јасен, без уставни измени нема преговори

Уставни измени остануваат единствениот пат за Македонија формално да ги отвори пристапните преговори со Европската Унија, порача претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во обраќање до премиерот Христијан Мицкоски и македонските институции, со што Брисел уште еднаш ја врати Владата на условот што таа политички го одложува.

Кошта во пораката ја поздравува реформската агенда на земјата, особено во делот на владеењето на правото, реформата на јавната администрација и усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија. Но, зад дипломатскиот речник останува јасна политичка порака: реформите се важни, но без уставните измени процесот не може да се придвижи кон формално отворање на преговорите.

Според Кошта, усвојувањето на договорените уставни измени е единствениот начин Македонија да ги отклучи целосните придобивки од членството во ЕУ. Со тоа, Европскиот совет ја потврдува рамката според која земјата не може да ја заобиколи преземената обврска, иако Владата настојува европската агенда да ја одржи активна без да го отвори најтешкото домашно политичко прашање.

Пораката доаѓа во период кога премиерот Мицкоски инсистира дека Македонија останува посветена на европскиот пат, но истовремено бара гаранции и поинаков пристап од Брисел. Сепак, настапот на Кошта покажува дека европските институции не ја менуваат основната позиција: преговорите формално се врзани за уставните измени.

Кошта нагласува дека Европската Унија останува најсигурен партнер на Македонија и на Западен Балкан, како најголем инвеститор и најважен трговски партнер. Но, неговата порака не е само израз на поддршка. Таа содржи и директно потсетување дека европската иднина зависи од конкретни одлуки, конструктивен дијалог и политичка подготвеност за исполнување на обврските.

За Владата, ова значи дека европската тема повторно се враќа од декларативна определба во конкретен услов. За Мицкоски, пораката од Кошта е јасна: без уставни измени нема формално отворање на преговорите со Европската Унија.

Најчитано