Царинската управа поднесе кривична пријава против 24-годишниот косовски државјанин Р.Е., кој при контрола на граничниот премин Блаце насилно го стартувал автомобилот, повлекол царински службеник и се обидел да избега кон Скопје. Кај него биле пронајдени еден килограм марихуана и ладно оружје.
Против осомничениот е поднесена пријава поради основано сомнение дека ги сторил кривичните дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ и „спречување службено лице во вршење службено дејствие“. Предметот е доставен до Основното јавно обвинителство Скопје.
Инцидентот се случил на 15 јули во вечерните часови, кога двајца царински службеници го запреле неговото патничко возило „БМВ“ со косовски регистарски ознаки за детална контрола на влез во Македонија.
Возачот бил повикан да го отвори багажникот, а при проверката еден од цариниците забележал кеса под совозачкото седиште. Кога службеникот посегнал да ја провери, Р.Е. влегол во автомобилот, го стартувал и насилно ја преминал граничната линија. Притоа го повлекол цариникот кој се обидувал да го спречи.
По пријавувањето на случајот била вклучена граничната полиција, која заедно со царинскиот службеник тргнала по возилото. По потера од околу десет минути, автомобилот бил запрен на улицата „Јадранска магистрала“ во Скопје, а возачот бил лишен од слобода.
Во текот на бегството осомничениот ја фрлил кесата од возилото. Таа била пронајдена во близина на местото каде што бил приведен, а по налог на јавен обвинител содржината била испратена на вештачење. Анализата покажала дека станува збор за еден килограм марихуана. Во возилото бил пронајден и џебен нож.
Царинскиот службеник кој бил повлечен од автомобилот се здобил со лесни телесни повреди. Од Царинската управа соопштија дека двајцата службеници кои интервенирале на Блаце покажале професионалност и храброст при спречувањето на бегството.
Случајот го презело Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги на Царинската управа. По спроведените истражни дејствија, против косовскиот државјанин била поднесена кривична пријава до скопското обвинителство.
