Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ковачевски: Нема да дозволам друг да умре заради бирократија

Димитар Ковачевски

„Денес за мене е навистина тажен ден“, рече премиерот Димитар Ковачевски, додавајќи дека е тажен ден и за целата земја, а не само за семејството на Благојче Илијевски, кое тој лично не го запознал.

-Благојче се бореше до последниот ден со оваа ужасна болест. Тоа е херојска борба, сигурен сум, но за жал на самиот крај, неговото тело не издржа. Најтажно од сѐ е што најверојатно неговата смрт е прерана. Можевме да направиме повеќе за да му го продолжиме животот, можевме уште малку да ја одложиме агонијата на неговото заминување, кажа премиерот

Тој додаде дека иако од информациите што ги имал, бидејќи се чул со директорите на соодветните две клиники, дознал дека има пациенти кои се во навистина тешка состојба на кои можеби и лекот Трикафта веројатно нема целосно  да им  помогне, сепак, тоа никако не може да го тргне чувството на тага, но и на гнев, дека можеби имало и најмала шанса да се направи нешто повеќе за Благојче.

-Но, прашањето е зошто не направивме? Зошто толку се одложи сѐ, дури и откако ветивме, па дури и откако правните и експертските тимови седнаа заедно за да најдат решение? Ќе ви кажам најотворено: Тоа е нешто којшто веројатно секој од вас го мисли а немал можност да го каже, а веројатно и најголем дел од граѓаните го мислат, ама немале можност да го кажат, Јас го мислам и имам можност да го кажам. Поради истите причини од кои нашата земја пати веќе 30 години – комплицирана и неверојатна бирократија. Бирократија која стартно размислува зошто нешто не може да се направи, бирократија која скоро никогаш не размислува зошто нешто треба да се направи. Бирократија која очигледно нема ништо против да почека додека граѓаните страдаат. Но, бирократија не се некои луѓе од некоја друга планета. Бирократија сме сите ние, и редно време е да се соочиме со тоа. Така функционира нашата држава, или поточно – така не функционира нашата држава, истакна Ковачевски.

Тој нагласи дека разговарал со министерот за здравство и му рекол дека оваа ситуација, апсолутно не е прифатлива.

-Разговарав и со директорот на ФЗО и со министерот за финансии и тоа беа нивните први денешни разговори кои ги имаа. И ги замолив а посебно министерот за здравство да размисли и да ми каже дали  може да го продолжи својот мандат. Јас, мојата одлука кадровските прашања ќе ја донесам после тоа. Но, немам намера да чекам низ бирократските лавиринти да се чека нешто да се презем. Туку уште утрово се преземени конкретни чекори. Решив дека уште веднаш ќе се одвојат финансиски средства од ФЗО за најкритичните болни од цистична фиброза, кажа премиерот.

Ковачевски нагласи дека утрово, Управниот одбор на Фондот за здравство донел одлука за да се обезбедат сите средства за сите критични пациенти, согласно барањето на Детската клиника.

-Очекувам лекот да биде достапен исклучително брзо бидејќи Агенцијата за лекови и МАЛМЕД имаат задача веднаш да го регистрираат. Бирото за јавни набавки има задача да ги обезбеди сите потребни документи за интервентен увоз на овој лек бидејќи го произведува еден производител. Не може да чекаат на бесконечни тендери кога се работи за лек кој го произведува еден произвдетител. И ова да се спроведе сега јас лично ќе се заложам. Нема време за чекање. Јас од вакви работи ПР не правам. Ова е вонредна мерка, тоа е јасно, но јас немам намера да дозволам да ни умре друг пациент поради оваа невозможна бирократија, нагласи Ковачевски.

Премиерот истакна дека лично бил изложен двапати во животот со блиски членови на семејство на истата таа бирократија.

-Само благодарение на присебноста, стручноста на врвните лекари кои ги имаме сега сме сите дома на број. Ама заради таа бирократија сум требало да одам во Швајцарија за да купам лек пред 10 години. Денес, откако ќе се вратам во канцеларија, ќе имам состанок со асоцијацијата за цистична фиброза, на кој состанок ќе образложам во точни мерки што ќе се преземе на мое лично инсистирање. Најкритичните пациенти ќе бидат веднаш згрижени, а за сите останати, во најбрз можен рок следува и системско решение со цел веќе да не мора да се грижат дали лекот ќе го има во клиниките каде се лекуваат. Тоа значи дека во меѓувреме, правните тимови и експертите ќе седнат ама денес за да го средат и нема да станат додека не го средат делот со менувањето на законите бидејќи држави од соседството ги имаат променето своите закони за набавка на лекови од производител кој има патент, а не да се оди на тендери и да се плаќаат маржи. Отакако ќе го смениме законот верувам дека ќе имаме долгорочно решение и ќе го обезбедиме лекот ТРИКАФТА и на другите пациенти по разумна цена за државата.  Смртта е нешто што е неизбежно, таа е крајно надвор од наша контрола. Но, јас верувам дека државата мора да преземе поголема одговорност и да спречи непотребно страдање на кој било граѓанин во државата. Во таа и во таква Македонија јас сакам да живеам и ќе го искористам сето мое знаење и искуство и целата сила која ја имам за да стигнеме до таа точка, да живееме сите во таа Македонија и затоа утрово станав многу рано, ги разбудив сите одговорни и ги носат и веќе ги донесоа одлуките да веднаш почне набавката за најкритичните пациенти на овој лек, заклучи Ковачевски.

Зачлени се на нашиот е-билтен