Владата ја тргна забраната за прелет и слетување на руски државни воздухоплови над и во земјава. Тоа било решено на денешната седница, објави „360 степени“ повикувајќи се на владини извори. Седницата се одржала во онлајн формат во претпладневните часови, пишува порталот.
Тоа значи дека нема формална пречка за авион, во сопственост на руската држава, да слета на некој од аеродромите во Македонија. Одлуката, поточно измените на актуелните рестриктивни мерки за Руската Федерација воведени по агресијата на Украина, доаѓа во пресрет на Министерскиот совет на ОБСЕ, кој треба да се одржи од 29 ноември до 1 декември во Скопје.
Засега нема потврда дека ова значи и доаѓање на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на министерскиот состанок на ОБСЕ.