Лина Ѓорческа ќе игра во квалификациите за УС Опен

Лина

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа се најде на листата на учеснички во квалификациите за УС Опен и ќе добие нова можност да обезбеди настап на главниот турнир од последниот гренслем во сезоната.

Ѓорческа моментно е на 214. место на ВТА-листата, а нејзиниот пласман ѝ овозможува директно учество во квалификацискиот турнир во Њујорк.

Во женските квалификации ќе настапат 128 тенисерки, а само 16 од нив ќе изборат место во главната ждрепка. За пласман меѓу најдобрите, Ѓорческа ќе треба да победи во три последователни меча.

Македонската тенисерка минатиот месец го оствари најголемиот резултат во кариерата, откако ги мина квалификациите на Вимблдон и стана првата тенисерка од Македонија што настапила во главната ждрепка на еден гренслем. Во првото коло беше поразена од шестата носителка Аманда Анисимова со 6-3 и 6-2.

Ѓорческа досега има 15 титули во сингл и 47 во двојки на турнирите од ИТФ-серијата, а нејзин најдобар пласман во кариерата е 170. место на ВТА-листата.

Квалификациските натпревари во Њујорк ќе се играат во рамките на Фан-неделата, а главниот турнир во сингл почнува на 30 август. УС Опен годинава трае до 13 септември.

Најчитано