Македонија остана на европската периферија и по новото забрзување на процесот на проширување. На 14 јули Европската Унија одржа четири пристапни конференции, на кои Украина, Молдавија, Албанија и Црна Гора направија конкретни чекори напред, додека македонските преговори и натаму се блокирани пред отворањето на првиот кластер.
Украина и Молдавија отворија нов преговарачки кластер поврзан со надворешните односи и безбедносната политика. За двете земји ова е втор отворен кластер за еден месец, што покажува дека Брисел сака да испрати јасен политички сигнал дека проширувањето повторно е високо на европската агенда.
Албанија ги затвори првите три поглавја од преговорите, во областите на науката, образованието и надворешните односи. Црна Гора, пак, продолжи да ја зацврстува позицијата на најнапреден кандидат, достигнувајќи вкупно 18 привремено затворени поглавја.
Македонија формално ги започна преговорите со ЕУ во јули 2022 година и го заврши процесот на скрининг, но сè уште нема отворено ниту еден кластер. Следниот чекор останува условен со внесувањето на Бугарите и на други заедници во Уставот, обврска предвидена со преговарачката рамка.
Европските институции повторуваат дека веднаш по усвојувањето на уставните измени може да се одржи следната меѓувладина конференција. Владата во Скопје, сепак, бара гаранции дека потоа нема да следуваат нови билатерални барања и блокади од Бугарија.
Во меѓувреме, Македонија бележи напредок во спроведувањето на реформската агенда и користењето на средствата од Планот за раст за Западен Балкан. Но, реформскиот напредок не е доволен за суштинско придвижување на пристапниот процес без политичко решение за уставните измени.
Додека Албанија веќе затвора поглавја, Црна Гора се приближува кон завршната фаза, а Украина и Молдавија со забрзано темпо отвораат нови кластери, Македонија останува заглавена меѓу европските услови, спорот со Бугарија и недостигот од политичко мнозинство дома.
Четирите конференции во Брисел затоа се повеќе од технички чекор за четири земји. Тие се јасно предупредување дека европската интеграција продолжува, но Македонија повторно ризикува да остане на местото од кое другите веќе заминуваат напред.
