Браќата Тејт бараат слобода, пред суд тврдат дека онлајн имиџот им бил претстава

Ендру и Тристан Тејт остануваат во федерален притвор во Мајами додека се борат против екстрадиција во Велика Британија, каде се соочуваат со вкупно 59 обвиненија, меѓу кои за силување, трговија со луѓе и сексуална експлоатација. На последното рочиште двајцата побараа да бидат пуштени со кауција и пред судот тврдеа дека голем дел од нивниот контроверзен онлајн имиџ бил намерно преувеличена претстава создадена за внимание и прегледи.

Американската судијка Лорен Луис не донесе веднаш одлука за нивното барање, па браќата засега остануваат зад решетки. Тие беа уапсени во Мајами на 18 јули по британско барање за екстрадиција. И двајцата ги негираат обвиненијата.

Во судницата Ендру Тејт се обиде да направи разлика меѓу човекот и ликот што со години го градел на интернет.

„Top G е карикатура“, рече Тејт, опишувајќи го својот онлајн лик како намерно хиперболизиран карактер. Тој тврдеше дека провокативните изјави биле дел од стратегијата да стане вирален и да привлече публика.

Тристан Тејт исто така сведочеше дека однесувањето на неговиот брат на интернет било дел од настап создаден за публика и дека токму екстремните изјави му носеле огромна видливост.

Обвинителството го отфрли ваквото објаснување.

Американската обвинителка Аби Ваксман пред судот прикажа видео во кое Ендру Тејт користи насилен и навредлив говор за жените и тврдеше дека не станува збор само за измислен интернет-лик.

„Тие промовираат неверојатно насилство врз жените“, рече Ваксман пред судот.

Обвинителите сметаат и дека браќата претставуваат ризик од бегство поради нивните меѓународни врски, финансиски ресурси и претходните јавни тврдења дека располагаат со повеќе пасоши.

Одбраната предложи тие да ги предадат пасошите, да платат кауција и да бидат под електронски и локациски надзор доколку бидат ослободени.

Тристан: Ослабев повеќе од шест килограми

Браќата се пожалија и на условите во федералниот затвор во Мајами.

Тристан Тејт изјави дека има ограничен пристап до сончева светлина и физичка активност и дека за време на притворот ослабел повеќе од шест килограми.

Условите ги опиша со зборовите „смрт од скорбут“, тврдејќи дека престојот во затвор му го отежнува и учеството во сопствената одбрана.

Ендру Тејт, пак, рече дека е третиран како исклучително опасен криминалец и повторно инсистираше дека никогаш не ги извршил делата за кои е обвинет.

Во негова корист сведочеше и Наташа Сесај, мајка на едно од неговите деца, која тврдеше дека неговото приватно однесување значително се разликува од сликата што ја создава на интернет.

Британија бара екстрадиција по 59 обвиненија

Британското обвинителство во јули подигна дополнителни 38 обвиненија против браќата, со што вкупниот број достигна 59.

Ендру Тејт дополнително е обвинет за седум точки за силување, три за организирање или олеснување трговија за сексуална експлоатација, три за нанесување телесни повреди и 19 дела поврзани со непристојни снимки од дете и екстремна порнографија.

Тристан Тејт дополнително се соочува со обвинение за сексуален напад, две точки за силување и три за организирање или олеснување трговија за сексуална експлоатација.

Новите обвиненија се однесуваат на четири дополнителни жртви, а заедно со претходните случаи британските власти велат дека постојат седум наводни жртви. Наводните дела се случувале меѓу 2010 и 2017 година.

Браќата претходно се соочија и со кривични постапки во Романија.

Британските власти имаат рок до 16 септември да ја комплетираат документацијата за американската постапка за екстрадиција, која може да трае со месеци.

Судењето за нивната евентуална вина не се води во Мајами. Американскиот суд во оваа фаза одлучува дали браќата треба да останат во притвор и дали ќе бидат исполнети условите за нивна екстрадиција во Велика Британија.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?