Украина во август извршила најмалку 21 напад врз руски рафинерии, што е најголем број удари во еден месец од почетокот на целосната руска инвазија, покажува пресметката на Bloomberg врз основа на јавни соопштенија од двете страни.
Во текот на месецот биле нападнати четири од десетте најголеми руски рафинерии, а последиците веќе се чувствуваат во производството и снабдувањето со гориво.
Според проценките на EA Analytics, руските рафинерии во август преработувале просечно околу 3,8 милиони барели сурова нафта дневно, што е најниско ниво во повеќе од две децении. Во летните месеци Русија вообичаено преработува меѓу 5,3 и 5,5 милиони барели дневно.
Дополнителни податоци покажуваат дека производството на бензин во последниот дел од август паднало на ниво доволно за покривање на само околу 70 отсто од домашната побарувачка. Големи постројки во Перм, Нижни Новгород и Јарослав биле принудени целосно или делумно да го запрат производството по украинските напади.
Во првите три недели од август производството и испораката на бензин на рускиот домашен пазар биле речиси 20 отсто пониски во споредба со истиот период минатата година, додека производството на дизел паднало за повеќе од 23 отсто.
Недостигот повторно предизвика редици на бензинските пумпи, вклучително и во Москва и Московската област, кои традиционално имаат приоритет при снабдувањето. Во дел од регионите се воведени ограничувања на количеството гориво што може да се купи.
Русија се обидува да ја надомести разликата со зголемен увоз. Во август биле увезени околу 220.000 тони бензин, вклучително и значителни количества од Белорусија, а Москва бара дополнителни испораки и од други пазари.
Киев отворено наведува дека нафтената инфраструктура е една од главните цели на неговите далекусежни напади бидејќи приходите од нафта и гориво се важен извор за финансирање на руската воена машинерија.
Во последните недели украинските беспилотни летала погодија и други економски и логистички цели длабоко во Русија, меѓу кои магацини на „Вајлдберис“ и „Озон“, индустриски капацитети и други објекти што Киев ги поврзува со военото снабдување.
Русија, од своја страна, продолжува со масовни ракетни и дронски напади врз украинската енергетска, индустриска и логистичка инфраструктура. Во последните денови сериозно беа погодени магацини, трговски центри и транспортни објекти во Киев и други украински градови.
Аналитичарите очекуваат руската преработка делумно да закрепне во септември, до околу 4,2 милиони барели дневно, но прогнозата во голема мера ќе зависи од тоа дали Украина ќе продолжи со сегашното темпо на напади врз рафинериите.

