Торнадо ја погоди Кремона во Италија, оштетени катедралата и градското собрание

Силно невреме со воздушен вртлог, град и силни налети на ветер вчера попладне ја погоди Кремона во северна Италија, при што се оштетени катедралата Дуомо и историската зграда на градското собрание.

Италијанската агенција АНСА јавува дека при налетот се урнал дел од покривната конструкција на една од кулите на катедралата, како и покривот на граѓанската кула на градското собрание. Последниот објект има особено историско значење бидејќи е еден од преостанатите делови од постарата градска куќа.

Невремето предизвикало штета и низ други делови од Кремона. Силниот ветер соборил дрвја, а обилниот дожд поплавил подвозници и предизвикал проблеми во сообраќајот. Стотици автомобили биле оштетени од крупниот град.

Италијанските медиуми феноменот го опишуваат како „tromba d’aria“, односно силен воздушен вртлог налик на торнадо. Засега нема информации за тешко повредени лица во Кремона, а пожарникарските екипи продолжуваат со интервенции и проценка на штетата.

Невремето не било ограничено само на Кремона. Силен град ги погодил и делови од провинцијата Бреша и областа околу Верона, со штети врз земјоделските насади, особено лозјата. Во Кастел Сан Џовани, во областа Пјаченца, биле регистрирани зрна град со големина на тениски топчиња.

Во Вал ди Фаса поради лошото време биле запрени жичниците, а околу 800 планинари и посетители биле спуштени на безбедно. Во областа Белуно силниот ветер откорнал и покрив од училишна зграда.

Италија денеска практично беше поделена меѓу екстремна жештина и силни невремиња. На југ температурите достигнувале до 45-46 степени, додека на север се појавиле град, поројни врнежи и силни ветрови.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?