Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Македонската шаховската репрезентација влезе меѓу 25-те најдобри на Олимпијадата во Будимпешта меѓу 197 селекции

Машката репрезентација на Северна Македонија ја оствари и четвртата победа на 45. Шаховска олимпијада (ШО) во Будимпешта, откако во шестото коло го совлада Хонгконг (рангиран на 120-то место пред ШО, просечен рејтинг 2.062 поени) со 4-0. Македонците (рангирани на 62-то место, 2.421) сите четири победи ги постигнаа со по 4-0.

Со оваа победа репрезентацијата на Северна Македионија е на одличното 25-то место со осум бода (18,5 поени по табли), меѓу 197 селекции.

Во последното коло одмораше велемајсторот (ВМ) Евгени Романов, а цел поен со сигурна игра впишаа интернационалниот мајстор (ИМ) Тони Лазов, ИМ Никола Николовски, ИМ Емил Ристески и ФИДЕ мајсто (ФМ) Антон Златков.

Вчера беше слободен ден, а денеска во седмото коло Македонија за ривал ја има Швајцарија (рангирана на 38-то место, 2.524).

Понеизвесно беше кај македонските шахистки (рангирани на 57-то место, 2.026), кои го остварија и второто реми, сега со Киргистан (рангиран на 88-то место, 1.877) иако беа фаворитки. Моника Стојковска и Моника Жежовска и покрај тоа што имаа добиени позиции, не успеаја да ги реализираат. Цел поен освои Ивана Манова, а загуби Леа Ефтовска. Македонките моментално се на 85-то место со шест бода (12,5 по табли) меѓу 181 селекција. Следен ривал е Тринидад и Тобаго (рангиран на 97-то место, 1.847).

На Шаховската олимпијада 2024 Индија е лидер и во двeте конкуренции, со по шест победи и максимални 12 бода. Во отворениот дел ја следат Виетнам, Кина и Иран со по еден бод помалку. Индијците во ова коло ја победија Унгарија со 3-1. Арјун Еригаиси останува единствениот играч со перфектен ефект во отворениот дел. Втората поединечна победа ја донесе Видит Гујрати, а на првите две табли беше нерешено.

Неверојатниот Виетнам ремизира со Кина, 2-2. Иран ја совлада Норвешка со 2,5-1,5, благодарение на четвртата табла, а Магнус Карлсен имаше значајна предност против Пархам Магсудлу, но постигна само реми. Бранителот на титулата Узбекистан мошне тешко со 2,5-1,5 го победи Израел, а САД одиграа 2-2 против Романија и покрај фаворитската улога.

Кај шахистките, Индија продолжува да ги одушевува своите навивачи, победувајќи ја и Ерменија со 2,5-1,5. Кина го претрпе вториот пораз во низа, од Полска, со 1,5-2,5, Грузија минимално ја совлада Монголија… Води Индија со 12 бода, а по еден бод помалку имаат Грузија и Полска.

Ако направиме споредба по шестото коло во однос на претходната ШО, во 2022 година, во Индија, шахистите тогаш биле послабо пласирани, а шахистките подобро пласирани. Така. Македонците (тогаш рангирани на 71-то место пред ШО) по шестото коло биле на 73-то место, со седум екипни бода (три победи, едно реми и два пораза, 12,5 поени по табли), а Македонките (тогаш рангирани на 61-то место), на одличното 47. место со осум бода (четири победи и два пораза, 13,5 поени по табли). Тогаш Ерменија во машка и Индија во женска конкуренција биле во водство со по 12 бода.

Засега на ШО 2024 во Будимпешта кај нашите шахисти Романов има ефект од 3,5 поени од пет можни, Лазов 4,5/5, Николовски 3/4, Ристески 3,5/5 и дебитантот Златков 4/5. Кај шахистките, Стојковска и Жежовска имаат по 3,5/6, Манова 3,5/5, Трајковска 1/3 и Ефтовска 1,5/4. Лазов и Златков се единствени што немаат загубено партија досега во Будимпешта, а во Индија по ова коло сите шахисти и шахистки што играле за Македонија имале најмалку еден пораз.

 

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново