Вештачењето нарачано од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во рамки на предметот „Мазут“ утврдува дека испорачаниот мазут ги исполнувал пропишаните стандарди за квалитет и технички карактеристики. Предметот во моментов е на одлучување во Вишото јавно обвинителство, откако јавната обвинителка Вилма Коларевиќ ја запре истрагата поради недостиг на докази.
Прашањето за квалитетот на мазутот беше едно од клучните во текот на истрагата, а според наодите на вештото лице, анализираното гориво е во согласност со Правилникот за квалитет на течни горива во Република Северна Македонија, националниот стандард МКС 1003:2022 и договорните обврски меѓу РКМ ДОО Скопје и АД ЕСМ.
„Со оглед на параметрите, можам да заклучам дека квалитетот на мазутот е согласно Правилникот за квалитет на течни горива во РСМ, МК Стандардот МКС 1003:2022 и согласно член 9 од Договорот помеѓу ДПТУ РКМ ДОО Скопје и АД ЕСМ“, се наведува во вештачењето.
Во експертизата се разгледува и прашањето дали компанијата РКМ можела да знае доколку мазутот не ги исполнувал потребните стандарди. Вештакот наведува дека најголемиот дел од испорачаниот мазут – околу 98 проценти – бил набавуван од домашниот пазар, каде увозник е ОКТА, додека за останатите количини контролата при увоз ја вршеле Царинската управа и Државниот пазарен инспекторат.
Дополнително, во вештачењето се посочува дека договорите меѓу РКМ и ЕСМ предвидувале секоја испорака да биде придружена со сертификат за квалитет, а доколку горивото не ги исполнувало договорените технички параметри, ЕСМ имало право да го врати, при што добавувачот бил должен во рок од 48 часа да испорача нов мазут што ги исполнува пропишаните услови.
Во заклучокот на експертизата се наведува дека мазутот набавен од повеќе домашни и странски компании, меѓу кои ОКТА, Инса Оил, Мотор Оил, Лотус Оил, Хифа Оил и други добавувачи, бил со квалитет и карактеристики утврдени во договорите склучени со АД ЕСМ.
Покрај квалитетот, вештачењето ја анализирало и динамиката на испораките. Според наодите, количините биле испорачувани согласно барањата на ЕСМ и во рамките на договорените рокови.
Предметот „Мазут“ останува во фаза на одлучување пред Вишото јавно обвинителство, кое треба да се произнесе по одлуката за запирање на истрагата
