Мицкоски бесен на Софија: Објавената нота го загрози моето семејство

Христијан Мицкоски, ФОТО Влада.мк

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека односите со Бугарија дополнително се радикализираат по објавувањето дипломатска нота за патувањето на неговата сопруга и помалиот син во Пампорово.

Според него, јавното објавување на документот претставува преседан во дипломатската практика и директно ја загрозува безбедноста на неговото семејство.

„Сигналите коишто доаѓаат оттаму не ме прават оптимист. Напротив, состојбата се радикализира“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за односите со Софија.

Тој рече дека дипломатската нота се однесувала на тридневен престој на неговата сопруга и помалиот син кај пријатели во Пампорово и дека нејзиното објавување е невообичаено и опасно.

Мицкоски додаде дека во документот биле содржани детали за времето на преминување на границата, членовите на обезбедувањето, возилата, комуникациската опрема и вооружувањето што го носеле со себе.

Премиерот информирал и дека за случајот ги известил партнерите на Македонија во НАТО.

„Ја користам оваа прилика на мојата сопруга и на мојот помал син Антонио да им се извинам што мора сето ова да го трпат“, рече тој.

Според Мицкоски, потезите што доаѓаат од Софија се аматерски, неразумни и не водат кон подобрување на односите меѓу двете земји.

Тој сепак порача дека Владата ќе остане фокусирана на реформската агенда, економијата и домашните проекти, додека бугарската страна, како што рече, треба да ја води сопствената политика.

Дипломатската нота била испратена од македонската амбасада во Софија на 6 јануари, а се однесувала на патување на 8 јануари. Документот бил објавен минатата недела на социјалните мрежи, а потоа пренесен и од повеќе медиуми.

Случајот отвора прашања за заштитата на дипломатската комуникација, безбедноста на заштитените лица и одговорноста за објавување документи што содржат чувствителни оперативни податоци.

Најчитано