Разговорите за најавената реконструкција на Владата продолжуваат денеска со средба меѓу претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицискиот партнер ЗНАМ.
На маса треба да се најдат можните кадровски промени во првиот, вториот и третиот ешалон на власта, но засега не се соопштува дали реконструкцијата ќе опфати само министри или и заменици, директори, државни секретари и други именувани функционери.
Генералниот секретар на ЗНАМ и министер за јавна администрација, Горан Минчев, изјави дека партијата веќе направила детална евалуација на двегодишното работење на функционерите предложени од нејзините редови.
Според ставот на ЗНАМ, нивните двајца министри и другите функционери ревносно и успешно ги извршуваат обврските. Сепак, од партијата очекуваат на средбата да ги слушнат аргументите на премиерот Христијан Мицкоски и да дознаат колкав ќе биде опфатот на реконструкцијата.
Мицкоски претходно најави промени во владиниот тим, упатувајќи остри критики кон функционерите кои, според него, станале недостапни за граѓаните и повеќе се грижат за привилегиите отколку за резултатите.
Тој порача дека секој функционер мора да биде присутен меѓу граѓаните, посветен на обврските и подготвен да понесе одговорност доколку не ги исполнува програмските цели.
Како главни критериуми за останување на функциите се посочуваат ефикасноста, достапноста, исполнувањето на ветените проекти и одговорното работење.
Од Владата засега не откриваат имиња ниту детали за можните промени. Оттаму велат дека станува збор за чувствителен процес во рана фаза и дека јавноста ќе биде информирана кога ќе има конкретни одлуки.
Средбата со ЗНАМ треба да покаже дали коалицискиот партнер ќе ги задржи сите досегашни позиции или реконструкцијата ќе отвори простор за промени и во ресорите и институциите што ги раководат неговите кадри.
