Премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе продолжи јавно да ги критикува судиите и обвинителите и порача дека правосудните институции нема да добијат дополнителни буџетски средства, непосредно откако Европската комисија предупреди дека изјавите од највисоките нивоа на власта создаваат притисок врз судството и го загрозуваат принципот на поделба на власта.
Во Извештајот за владеењето на правото за 2026 година, објавен на 17 јули, Европската комисија наведува дека мешањето и притисокот од другите гранки на власта продолжуваат да предизвикуваат сериозна загриженост за независноста на судството. Во документот се оценува дека избрани функционери и претставници на Владата ги засилиле личните критики кон судии и обвинители, како и дека изјавите за „чистење“ на судството и обвинителството може да ја поткопаат нивната независност.
Комисијата наведува и дека само 21 процент од граѓаните и 19 проценти од компаниите ја оценуваат независноста на судовите и судиите како добра. Во 2025 година таква оценка дале 28 проценти од граѓаните и 26 проценти од компаниите. Како главна причина за недовербата се посочува перцепцијата за притисок од Владата, политичарите и од економски интереси.
Мицкоски, пак, оцени дека станува збор за најдобриот извештај што Македонија го добила досега, иако призна дека во него има и забелешки. Тој рече дека ќе продолжи јавно да бара резултати од судиите и обвинителите бидејќи, според него, граѓаните не се задоволни од испораката на правда.
„Ќе продолжам да ги критикувам и јавно да барам резултати. Граѓаните сами гледаат дека нема задоволителна испорака на правда“, изјави Мицкоски, додавајќи дека судството и обвинителството нема да добијат повеќе пари додека не покажат подобри резултати.
Европската комисија во истиот извештај констатира дека недоволното финансирање ја поткопува независноста на судството и автономијата на обвинителството. За судскиот систем во буџетот за 2026 година биле обезбедени средства во висина од 0,28 проценти од БДП, иако законски предвиденото ниво е 0,8 проценти. За обвинителството биле издвоени 0,21 процент од вкупниот буџет, наспроти законски предвидените 0,4 проценти.
