Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

На Бени Шаќири му пречел и го тргнал написот „Ние сме од Скопје“ од МКЦ

Речиси еден месец од назначувањето на новиот директор на МКЦ, Бени Шаќири, првата новина е неговата одлука да се тргне написот „Ние сме од Скопје“ кој беше поставен во 2018 година на предната страна од зградата на МКЦ.

Оваа одлука ја донел тајно а написот бил демонтиран доцна синоќа кога в недела никој не е на работа. Според извори блиски на редакцијата, досега не е собран Уредничкиот колегиум, не се работи на програмата и неизвесно е дали ќе има средства за реализација на предвидените активности.

Музичарот беше назначен за нов директор на 22 јануари годинава со потпис на градоначалничката Данела Арсовска.

Шаќири доаѓа на местото на Никола Алексов, дипломиран детектив, кој беше поставен на функцијата во јануари откако Арсовска го разреши Ванчо Богоев. Тогаш од Програмскиот совет на МКЦ рекоа дека Богоев, кој 36 години е дел од институцијата, е сменет бидејќи не сакал да го вработи пејачот Бени Шаќири, кој на последните локални избори беше кандидат за градоначалник на Скопје на ДОМ и ЛДП. Од МКЦ рекоа дека тогашниот генерален секретар на Градот Зоран Глигоров вршел екстремни притисоци да се потпише вработување на Шаќири.

Според процедурата на конкурсот, Управниот одбор на МКЦ ги достави апликациите од кандидатите до градоначалникот на Град Скопје, со тоа што предлага кандидати кои според критериумите се соодветни за позицијата за која аплицираат. Условите, покрај високото образование во областа на хуманистичките науки, се и 5-годишно работно искуство во областа на културата.

Првиот конкурс за избор на директорската позиција распишан кон крајот на септември лани немаше никаква разврска, ниту беше поништен од Градот Скопје, а потоа во ноември се распиша повторен конкурс за истата функција.

Во меѓувреме Арсовска втор пат изгуби на Управен суд за решението за назначувањето на Алексов за в.д директор на МКЦ.

А. Василевска (НоваТВ)

Треба да знаете
Moже да ве интересира