Повеќе од 250 доброволни пожарникари од активните доброволни противпожарни друштва во Македонија ќе можат организирано да се вклучуваат во гаснењето пожари на отворен простор во текот на летната сезона, како дел од Тимовите за брз одговор на Дирекцијата за заштита и спасување.
Доброволците беа построени во касарната „Гоце Делчев“ во Скопје, каде што ДЗС ја утврдуваше реалната бројка на обучени лица што можат да бидат мобилизирани при поголеми пожари. Според директорот на Дирекцијата, Стојанче Ангелов, станува збор за повеќе од 250 пожарникари кои првпат добиваат можност да дејствуваат под заедничка команда во националниот систем за справување со летните пожари.
„За првпат сите вие, припадници на доброволните противпожарни друштва, сте обединети или имате можност да се обедините под една заедничка команда и организирано да се вклучите во националниот систем“, им порача Ангелов на доброволците.
Бројката од над 250 лица го претставува вкупниот расположлив доброволен состав, додека претходниот оперативен план на ДЗС предвидува секој ден во текот на противпожарната сезона да бидат достапни најмалку 120 доброволни пожарникари за брзо распоредување на терен. Тие треба да се вклучуваат преку Тимовите за брз одговор, во зависност од местото, обемот и развојот на пожарот.
Новата организациска структура треба да утврди јасна хиерархија, одговорни лица и начин на комуникација меѓу Дирекцијата и доброволните друштва. Целта е доброволците да не пристигнуваат на пожариштата самоиницијативно и без координација, туку да бидат распоредувани според оперативните потреби и под команда на надлежните служби.
ДЗС и претставниците на доброволните противпожарни друштва од почетокот на годината одржуваа повеќе работни средби на кои се разгледуваа мобилизацијата, тактичкото дејствување, опремувањето и законските пречки за нивно поефикасно вклучување. Во подготовките биле разгледувани и модели од Италија, Словенија и други европски земји.
Собранието ја зголеми старосната граница за припадниците на Силите за заштита и спасување од 55 на 64 години. Со измената, доброволци постари од 55 години, но помлади од 64 години, ќе можат да бидат вклучени во тимовите доколку ги исполнуваат здравствените и останатите услови.
Еден од главните проблеми останува опремувањето. Ангелов најави дека во следниот период доброволните пожарникари треба да добијат дополнителни противпожарни униформи и лична заштитна опрема, а Дирекцијата очекува поддршка и од општествено одговорни компании.
Доброволните пожарникари не треба да ги заменат професионалните територијални противпожарни единици, туку да обезбедат дополнителна сила при шумски и полски пожари што се шират на голема површина и бараат ангажирање голем број луѓе. Нивното вклучување е особено значајно при чување на изгаснатите линии, спречување повторно активирање на жариштата, рачно гаснење на непристапен терен и логистичка поддршка.
Практичната ефикасност на системот ќе зависи од брзината на мобилизацијата, достапноста на возила и опрема, обученоста на доброволците и воспоставената координација со професионалните пожарникари, ДЗС, Центарот за управување со кризи, полицијата, Армијата и локалните самоуправи.
