Министерот за здравство Сашо Клековски денеска изјави дека околу 3.100 граѓани на Гостивар побарале лекарска помош по епидемијата со гастроентеритис.
„Во моментот досега има околу 3.100 здравствени контакти. Тоа ги опфаќа контактите во Здравствениот дом и во Општата болница во Гостивар, вклучително и телефонските јавувања, интервенциите на Итната медицинска помош и прегледите во двете установи. Бројките што беа соопштувани во текот на викендот се однесуваа само на Општата болница и не ги содржеа податоците од Здравствениот дом“, изјави Клековски.
Како што додаде министерот, во моментов во болниците се хоспитализирани четири пациенти – тројца возрасни и едно дете, а уште еден пациент е сместен на Клиниката за инфективни болести во Скопје, каде што сам се јавил бидејќи работи во главниот град.
Во однос на објавувањето на резултатите од анализата на земените примероци во водата, Клековски објасни дека тие се побарани од Основното јавно обвинителство и дека оттаму треба да добијат дозвола за објавување.
„Нека нè информира дека може да ги соопштиме и ние ќе ги соопштиме, бидејќи во основа ИЈЗ и до мене ги нема доставено информациите. Во првиот момент кога ќе дозволи ОЈО да ги соопштиме резултатите, ќе ги соопштиме. Во основа ги чекаме резултатите од копрокултурите, ги чекаме резултатите што другите институции ги прават и замолувам да сфатите дека додека не добиеме согласност, тоа нема да го направиме, бидејќи анализите се направени по нечие барање“ порача Клековски.
Инаку, претходно денеска во полициска акција беа уапсени директорката и двајца раководители во претпријатието „Комуналец“ Гостивар.
