Над 90 отсто од плаќањата кај малите трговци и натаму се во готово

Меџити

Повеќе од 90 отсто од плаќањата за стоки и услуги кај малите трговци во Македонија сè уште се извршуваат во готово, иако земјата располага со висока интернет-покриеност и граѓаните сè почесто користат дигитални платежни услуги.

Податоците ги соопшти вицегувернерот на Народната банка, Игор Величковски, на работилница организирана во соработка со Светската банка, посветена на пречките за прифаќање електронски плаќања од страна на трговците.

Според Величковски, 84 отсто од граѓаните поседуваат платежна сметка, а тројца од четворица корисници на сметки веќе примиле или испратиле пари преку дигиталните канали. Покриеноста на територијата со интернет и мобилна мрежа е поголема од 90 отсто.

И покрај ваквата дигитална подготвеност, готовината останува доминантен начин на плаќање кај помалите продавници и услужни објекти.

Во земјава околу 16.700 трговци располагаат со приближно 36.000 уреди за прифаќање електронски плаќања. Народната банка оценува дека нивната распределба е нерамномерна и дека платежната инфраструктура во поголем дел е концентрирана кај поголемите деловни субјекти.

Главниот проблем, според Величковски, не е подготвеноста на граѓаните да плаќаат електронски, туку можноста на малите трговци да ги прифатат ваквите плаќања.

Дел од малите бизниси и натаму ги сметаат електронските плаќања за скапи и сложени, поради трошоците за опремата, банкарските услуги и постапките потребни за воведување на системите.

Како решение се најавува воведување инстант плаќања до крајот на годината преку платежен систем развиен со поддршка на Банката на Италија и Европската централна банка за земјите од Западен Балкан.

Се предвидува и воведување единствен национален QR-код, плаќање преку едноставни идентификатори, моментална потврда на трансакциите и услугата „барање за плаќање“.

Новите решенија треба да им овозможат на трговците да примаат електронски уплати преку мобилен телефон, без потреба од скапа дополнителна опрема и сложени системи.

Народната банка очекува модернизацијата на платежната инфраструктура и приклучувањето кон европските платежни стандарди да ја намалат употребата на готовината и да го зголемат бројот на мали трговци што прифаќаат дигитални плаќања.

Најчитано