Народната банка ја задржа капиталната заштита на 2 отсто и за третото тримесечје од 2027 година

странските инвестиции

Народната банка одлучи стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на домашните банки да остане на ниво од два отсто и во третото тримесечје од 2027 година.

Одлуката ја донел Извршниот одбор на Народната банка врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици и расположливите податоци заклучно со првиот квартал од 2026 година. Според централната банка, утврдената стапка е соодветна на тековните макрофинансиски услови и на состојбите во банкарскиот систем.

Противцикличниот заштитен слој претставува дополнителен капитал што банките мора да го одржуваат во периоди на засилена кредитна активност. Неговата цел е да се создадат резерви што може да се користат за покривање загуби и за одржување на кредитирањето доколку се зголемат ризиците или дојде до економски и финансиски потреси.

Од Народната банка посочуваат дека на домашниот пазар и натаму се бележи солидна кредитна активност, но дека банкарскиот систем останува добро капитализиран и ликвиден, со задржана стабилност и отпорност на можни шокови.

Таквата оцена се темели и врз ниската стапка на нефункционални кредити, која продолжува да се намалува, како и врз солидната профитабилност на банките.

Одлуката да не се зголемува стапката е поддржана и од построгите макропрудентни мерки за подобрување на квалитетот на кредитната побарувачка, кои се применуваат од крајот на 2025 година.

Во првото тримесечје од 2026 година веќе биле забележани првични ефекти од мерките, особено преку подобрување на структурата на новоодобрените кредити во однос на кредитните стандарди што ги применуваат банките.

Народната банка очекува ваквата поставеност на мерките да придонесе за ограничување на системските ризици и за дополнително одржување на стабилноста на банкарскиот сектор.

Централната банка најави дека ќе продолжи внимателно да ги следи движењата во финансискиот систем и на секои три месеци повторно ќе ја проценува висината на противцикличниот заштитен слој.

Најчитано