Наздравје нови цени на парно за скопјани

Скопјани од 1 август ќе плаќаат повисоки сметки за парно греење, откако Регулаторната комисија за енергетика ги одобри новите цени за трите системи за снабдување со топлинска енергија во главниот град.

Најголемо зголемување од 5,96 проценти ќе имаат корисниците на ЕСМ Снабдување, системот на кој се приклучени најголемиот дел од домаќинствата со централно греење во Скопје. За корисниците на ЕСМ Енергетика, познато како железарско парно, цената се зголемува за 5,18 проценти, додека корисниците на Енерџи Еколинк, поранешно Скопје Север, ќе плаќаат 3,65 проценти повеќе.

Според пресметката што ја соопшти РКЕ, сметката за просечен стан од 60 квадратни метри ќе се зголеми за околу 140 денари месечно. Бидејќи парното се плаќа во текот на целата година преку месечни сметки, тоа значи дополнителен трошок од околу 1.680 денари годишно, односно износ што се доближува до 2.000 денари за едно домаќинство.

Поскапувањето нема да биде еднакво за сите корисници. Конечниот износ зависи од квадратурата, ангажираната топлинска моќност, потрошувачката и системот на кој е приклучен објектот. Сепак, процентуалното зголемување ќе се пресметува врз постојните сметки, па домаќинствата со поголеми станови и повисока потрошувачка ќе имаат и поголем апсолутен трошок.

Од РКЕ велат дека и со новите цени топлинската енергија во Скопје останува меѓу најевтините во регионот. Но регионалната споредба не ја менува директната последица за граѓаните – стан од 60 квадрати ќе плаќа околу 140 денари повеќе секој месец, во период кога истовремено растат и цените на горивата и другите основни трошоци.

Регулираниот максимален приход на ЕСМ Снабдување за 2026 година е утврден на околу 2,82 милијарди денари. Во пресметката влегуваат трошоците за набавка и испорака на топлинската енергија, одржувањето, платите, загубите во системот и другите признати расходи на компаниите што го сочинуваат системот за парно греење.

Одлуката за поскапо парно беше донесена истиот ден кога РКЕ одобри и ново зголемување на цените на горивата. Дизелот поскапе за 4,50 денари и достигна 98,50 денари за литар, додека бензините поскапеа за по три денари.

Најчитано