Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Од битката на суетите на Мицкоски и Арсовска Скопје се претвора во опустошено бојно поле

Суеатата е украс и на Арсовска и на Мицкоски. Но, во борбата на суетите жртви се граѓаните, а Скопје полека се претвора во опустошено бојно поле, како и после секоја битка.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Во пресметката меѓу Христијан Мицкоски и градоначалничката на Скопја Данела Арсовска единствена жртва се скопјани и главниот град на државата Скопје. Они си прават кариери на сметка на страдањето на граѓаните и на Скопје, градот кој се најде на листата на десетте европски градови кои се најлоши за живеење, со најголемо загадувањето.

Во истиот извештај на Европската комисија Скопје е на последното место на листата во поглед на здравствената заштита, од што се задоволни само 27% граѓани, покажа истражувањето. Само 12% жители се задоволни со квалитетот на воздухот во градот, што исто така му го донесе последното место, а со општата чистота 23%.

Сето тоа е резултат на катастрофалното раководење на градот кое кулминација доживува последните три години откако на градоначалничкото место дојде Данела Арсовска, а со Советот на градот раководи ВМРО-ДПМНЕ.

Данела Арсовска дојде на градоначалничката функција како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2021 година. Тогаш, Мицкоски велеше дека на Скопје му треба „жена менаџерка“ и дека таа Скопје ќе го направи модерен град.

Десет месеци откако стапи на функција Арсовска се скара со Мицкоски, почна да ги разрешува ВМРО-вските кадри кои беа поставени за директори на јавните претпријатија и постојано од говорницата во Советот на Град Скопје се караше со советниците на ВМРО-ДПМНЕ, а Мицкоски го наречуваше „шпицен кандидат“ и велеше дека „ги фатила со рацете во мед“.

Пресметката продолжува како трагикомичен серијал во кој и Мицкоски и Арсовска се натпреваруваат кој од нив ќе биде подуховит

Вчера од Кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска излегоа со соопштение, во кое меѓу другото порачаа дека „одлуката на Владата да не додели средства за проектите за кои аплицираше градот Скопје уште еднаш ја потврдува секташката ментална состојба на владата предводена од Христијан Мицкоски“.

Арсовска тврди дека од оваа одлука на Владата, всушност, говори суетатата на Мицкоски, која, според градоначалничката на Скопје „ е поважна од било која потреба на граѓаните, а со неистомислениците се пресметува со сегрегација и политички прогон, докажувајќи дека нема никаков демократски ни лидерски капацитет, посочија од градската локална власт“.

Ни премиерот не останува покусо со честењето „комплименти“ и возврати дека Данела Арсовска нема капацитет да реализира капитален проект, што се надоврзува на претходните изјави кога беа „згрозени од нејзиното недолично однесување“ или кога велеа дека „Скопје личи на сè, само не на главен град на земја која е дел од НАТО Алијансата и земја кандидат за членство во ЕУ“.

Кога веќе се спомнаа суетите, не е тешко да се заклучи дека таа е украс и на Арсовска и на Мицкоски. Но, во борбата на суетите жртви се граѓаните, а Скопје полека се претвора во опустошено бојно поле, како и после секоја битка.

Зачлени се на нашиот е-билтен