Студентската листа во Србија го направи клучниот чекор кон учество на парламентарните избори закажани за 25 октомври. Претставниците на листата „Студентска листа – Студентите победуваат“ ги предадоа кандидатурата и собраните потписи до Републичката изборна комисија во Белград.
Студентите претходно се собраа пред Ректоратот на Универзитетот во Белград, од каде во поворка се упатија кон седиштето на РИК. Шествието, наречено „Прошетка на победниците“, беше придружувано од факултетски знамиња, макета на белградскиот „Победник“ и звуци на трубачи пред зградата на Комисијата.
Во изминатите два дена, долги редици граѓани беа забележани на пунктовите за собирање потписи во Белград, Нови Сад, Ниш, Крагуевац, Панчево и во други српски градови. За поднесување изборна листа потребни се најмалку 10.000 заверени потписи. Од студентското движење нагласуваа дека потписот не претставува глас, туку поддршка листата да се најде на гласачкото ливче.
На листата се наоѓаат 250 кандидати, колку што пратеници брои српското Собрание. Прв е кардиологот и професор на Медицинскиот факултет во Нови Сад, Илија Срдановиќ, а меѓу кандидатите се актерот Тихомир Станиќ, социологот Јово Бакиќ, академикот Радомир Саичиќ, еколошкиот активист Златко Кокановиќ и поранешниот атлетичар Михаил Дудаш.
Студентите велат дека кандидатите биле избирани преку пленуми, разговори и заедничко одлучување, без еден лидер или централна политичка фигура. Листата обединува универзитетски професори, лекари, културни работници, активисти, претприемачи и кандидати од различни делови на Србија.
Предавањето на документите, сепак, не значи дека листата е веќе официјално прогласена. РИК има рок од 48 часа да ги провери потписите и документацијата, а потоа да донесе одлука дали „Студентите победуваат“ ќе се најдат на избирачкото ливче.
Со овој чекор, студентското движење што повеќе од една година организира блокади и антикорупциски протести формално влегува во изборната процедура. Студентската листа се наметнува како еден од главните предизвикувачи на владејачката коалиција, додека листите предводени од Српската напредна партија и Социјалистичката партија на Србија веќе се прогласени.

