Закана кон 22-годишна девојка во трговски центар во Тетово прераснала неколку часа подоцна во физичка пресметка пред дом во тетовското село Голема Речица, во која се вмешале членови на две семејства. Полицијата привела 27-годишен маж, а по целосно документирање на случајот најавена е соодветна пријава.
Според СВР Тетово, настанот започнал на 14 септември околу 15:50 часот, кога 22-годишна тетовка пријавила дека 27-годишниот Ф.Ш. од Голема Речица ѝ се заканувал додека се наоѓале во трговски центар во градот.
Подоцна девојката, заедно со членови од своето семејство, заминала пред домот на 27-годишникот со намера да разговара со неговите родители. Наместо разговор, според пријавеното во полиција, ситуацијата прераснала во физички конфликт.
Девојката пријавила дека Ф.Ш. физички ја нападнал неа, нејзината 50-годишна мајка и нејзиниот 48-годишен чичко. Во пресметката, според полицискиот билтен, се вклучиле и мајката и тетката на осомничениот.
Во текот на инцидентот биле причинети и материјални оштетувања. Според пријавата, 27-годишникот го оштетил автомобилот „фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки на девојката, како и нејзиниот мобилен телефон.
Полициски службеници од СВР Тетово го лишиле Ф.Ш. од слобода околу 19 часот истиот ден. Тој бил задржан во полициска станица, а полицијата соопшти дека по целосно документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

