ОКТА воведува попуст од 2 денари за бензините од 2 до 16 јуни

ОКТА воведува привремен попуст од 2 денари по литар за бензините од 95 и 98 октани, во периодот од 2 до 16 јуни 2026 година.

Од компанијата наведуваат дека одлуката е донесена поради актуелните движења на меѓународните цени на горивата и по континуирана комуникација со Владата. Попустот е најавен како дел од мерките што ОКТА ги спроведува од март годинава, со цел да се ублажи влијанието на нестабилноста на меѓународниот пазар врз домашниот пазар на горива.

Мерката ќе важи за трговците на големо и мало кои набавуваат бензин од ОКТА. Компанијата очекува дека со тоа ќе им овозможи на трговците поддршката да ја пренесат и во цените што им ги нудат на крајните потрошувачи.

Крајните малопродажни цени, сепак, и понатаму ќе ги утврдуваат самите трговци, во согласност со нивните комерцијални политики и со пазарните услови.

Од ОКТА соопштуваат дека вкупниот придонес на компанијата за поддршка на пазарот се очекува да надмине 7 милиони евра. Истовремено, компанијата наведува дека останува фокусирана на сигурно и непречено снабдување со горива, како и на зачувување на стабилноста на работењето и синџирот на снабдување.

Најчитано