ОН: Смртта на Маша Амини е незаконска и предизвикана со насилство

 Независната меѓународна мисија за проверка на факти на Обединетите нации за Иран денеска објави дека смртта на Махса Амини во притвор на иранската полиција за морал е незаконска и предизвикана од насилство.

Шефицата на Мисијата, Сара Хосеин наведе дека протестите во септември 2022 година во Иран беа придружени со „грозоморно кршење на човековите права“, вклучително и егзекуции без судење, произволни апсења, тортура, силување и сексуално насилство.

– Тоа беше извршено во контекст на раширени и систематски напади врз жени и девојки, како и врз други лица кои изразија поддршка за човековите права, истакна Хосаин, додавајќи дека некои од овие злосторства достигнале ниво на злосторства против човештвото.

Таа посочи оти во 21 век е тешко да се разбере дека пристапот на жените до основните услуги зависи од тоа дали носат хиџаб.

Амини, Иранка со курдско потекло, беше уапсена во 2022 година од така наречената Иранската морална полиција за наводно кршење на законот за задолжително носење шамија во земјата, а почина во притвор три дена подоцна.

Нејзината смрт предизвика масовни протести низ целата земја, што брзо ескалираа во повици за соборување на иранските власти. Според групите за човекови права, во судирите меѓу демонстрантите и иранската полиција загинаа повеќе од 500 луѓе, а над 22.000 беа приведени. 

Треба да знаете
Moже да ве интересира