Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ОН соопштија дека нема да учествуваат во присилното раселување на Палестинците

Обединетите нации соопштија дека нема да учествуваат во присилното раселување на Палестинците во Газа, нагласувајќи дека нема безбедно место на кое може да се оди на територијата каде што израелската воена офанзива е во тек.

Портпаролот на ОН Стефан Дижарик одговори на барањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху армијата да подготви план за евакуација на околу 1,5 милиони палестински цивили, кои избегаа од конфликтот во Рафа во јужниот дел на Газа, за да продолжи операцијата против Хамас и извештаите дека од ОН е побарана помош.

Дижарик синоќа изјави дека мнозинството Палестинци во јужниот дел на Газа не можат да бидат вратени назад во северните и централните области, кои се преполни со неексплодирани мини, каде што домовите се уништени, а хуманитарната ситуација е исклучително тешка поради минималната испорака на храна и други потреби.

Тој додаде дека соработката со израелските власти е „слаба“.

Портпаролот на израелската влада Ејлон Леви ги обвини агенциите на ОН дека се позагрижени за притисокот врз Израел да ја прекине војната со Хамас и оти се спротивставуваат на напорите да се испразнат упориштата на Хамас, во согласност со обврските според меѓународното право, и дека таквите мерки претставуваат присилно раселување.

– Апелираме до агенциите на ОН да соработуваат со израелските напори да ги заштитат цивилите од Хамас и да ги евакуираат од воената зона каде терористите се обидуваат да ги користат како жив штит. Немојте да кажете дека тоа не може да се направи. Работете со нас за да пронајдеме начин, рече Леви.

Подоцна Леви рече дека Израел не бара помош од ОН за евакуација на Рафа, туку за заштита на Палестинците „наместо да му помага на Хамас“.

Дижарик нагласи дека „не постои место кое во моментов е безбедно во Газа“ и оти ОН сакаат да обезбедат „се што се случува да биде направено со целосно почитување на меѓународното право, целосно почитување на заштитата на цивилите“ и дека ОН нема да учествуваат во присилно раселување на луѓето.

Зачлени се на нашиот е-билтен