Во рамките на 54. издание на престижниот фестивал „Мајски оперски вечери“ на 16 мај со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини, музичка драма во вистинска смисла на зборот, монументална, брилијантно оркестрирана, реалистична опера во три чина.
Љубовта, страста, љубомората и политичките интриги се движечките драмски елементи на овој „оперски трилер“.
Гостинот од Полска, Марчин Наленч-Њесјоловски ќе диригира со изведбата на оваа драматична трагедија на Пучини, во режија на Огњан Драганов од Бугарија, сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографијата на Марија Пупучевска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Верица Ламбевска.
Во насловната улога (Флорија Тоска) ќе настапи Марија Јелиќ од Србија, во улогата на Каварадоси – Милен Бошков (Бугарија), во улогата на Скарпија – Иван Инверарди од Италија, во останатите улоги настапуваат: Владимир Саздовски, Драган Ампов, Марјан Николовски, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
„Тоска“ е опера во три чина од Џакомо Пучини, создадена врз либрето од Луиџи Илика и Џузепе Џакоза, инспирирано од драмата на Викториен Сарду. Од својата премиера до денес, делото го задржува вниманието на публиката со својата драмска напнатост и силен музички израз. И повеќе од еден век подоцна, „Тоска“ останува едно од најизведуваните оперски дела — силна приказна во која личната судбина се судира со моќта, љубовта и трагедијата.