Ова е новото главно превозно средство на Кубанците поради кризата со гориво

Новото главно превозно средство на Кубанците се малите електрични трицикли, кои сè почесто ги заменуваат старите американски автомобили и автобусите на улиците во Хавана. Долготрајниот недостиг од гориво и сè почестите прекини во снабдувањето со електрична енергија ги натераа жителите да бараат поевтин и подостапен начин за превоз.

Малите возила на три тркала, претежно од кинеско производство, денес се користат за превоз на патници и стока, но и на линии на кои претходно сообраќале автобуси. Во некои делови од главниот град се користат дури и за собирање отпад.

Нивната цена се движи меѓу 2.000 и 4.000 долари, што ги прави недостапни за голем дел од населението. Сепак, дел од Кубанците ги продале своите стари автомобили на бензин за да купат електричен трицикл, додека други ги добиле од роднини што живеат во странство.

Поради слабата и преоптоварена електроенергетска мрежа, многу сопственици поставуваат соларни панели на покривите на возилата. На тој начин батериите се полнат во текот на денот, без целосна зависност од електричната мрежа и редовните рестрикции.

Куба произведува околу 40 проценти од горивото што ѝ е потребно, а увозот на нафта е значително намален. Наместо неколку танкери месечно, во последниот период на островот пристигнал само еден танкер, што дополнително го нарушило јавниот превоз и секојдневното функционирање.

Економската криза во земјата трае веќе пет години, а недостигот од храна, лекови, гориво и електрична енергија станува сè поизразен. Старите американски автомобили од педесеттите години, кои со децении беа препознатлив симбол на Куба, сè поретко се гледаат на улиците.

Возењето со електричен трицикл чини околу 500 кубански пезоси, односно помалку од еден американски долар. Сумата изгледа мала, но претставува значителен трошок во земја во која просечната месечна плата на вработените во државниот сектор изнесува околу 10 долари.

На кубанските улици најчесто се среќаваат модели на кинеските производители „Зонсен“ и „Џинпенг“. Дел од возилата се увезуваат преку Панама, додека одредени модели, врз основа на договор со Кина, се составуваат и на Куба.

Најчитано