Уапсена професорка на штипскиот универзитет: Барала 300 евра од студент за да положи испит

Професорка на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип е уапсена под сомнение дека побарала и примила 300 евра од студент за да му овозможи да положи испит.

Станува збор за 39-годишната Т.А. од Штип, која полицијата ја лишила од слобода во понеделникот во 11:45 часот, веднаш откако ги примила парите.

Случајот го пријавил 26-годишен студент од Турција, кој има привремен престој во Штип. Според пријавата, професорката на 22 јуни му побарала 300 евра за испит што требало дополнително да го полага на 29 јуни.

Полицијата, во координација со Основното јавно обвинителство Штип, му предала на студентот три криминалистичко-технички обработени банкноти од по 100 евра.

Професорката била уапсена веднаш по примопредавањето, а означените банкноти биле пронајдени и одземени.

Таа е задржана во полициска станица, а по целосното документирање на случајот против неа ќе биде поднесена соодветна пријава за сомнение за кривичното дело „примање поткуп“.

Најчитано