Пендаровски: Членството во НАТО е чин еднаков на 8 септември 1991 година кога деклариравме независност

„Оваа политичка структура од која сум јас наназад 10-15 години, во изминатите 7,5 години направи неколку работи кои ниту една политичка гарнитура од независноста до денес ги нема направено. Прво, пред четири години направивме договор со нашиот јужен сосед и тоа ни овозможи да станеме членка на елитниот клуб наречен НАТО Алијанса. 32 држави се внатре, заедно со малата Македонија. На иста маса седиме со Америка, со Германија, со Франција, со Велика Британија, и со другите колоси на меѓународната политика кои ги уредуваат меѓународните односи. Со тоа што сме таму добивме дефинитивна потврда за тоа дека нашиот територијален интегритет, суверенитет, нашите граници и безбедноста на секој од вас е загарантирана за навек. Било кој да се обиде да не чепне ќе си има работа со најмоќните светски сили. Тоа е чин еднаков на 8 септември 1991 година кога деклариравме независност“, изјави претседателот Стево Пендаровски на митинг со граѓаните во Гази Баба.

Тој додаде дека со членството во НАТО потврдени се најсилни можни гаранции дека никој не може да се игра со нашата држава.

„Кога се обидовме истото тоа да го направиме и за Европска Унија за жал се испречивме пред двојна блокада. Првата блокада од нашиот источен сосед кој се обидуваше од нас да направи тоа што ние никогаш не сме биле, а сите знаеме дека без никакви договори и гаранции ние сме биле од век и векови Македонци кои зборуваат македонски јазик и внатрешна блокада која според мене е пострашна затоа што доаѓа од главната опозициона партија. Кога ќе ги прашате во таа опозициона партија која пред година дена се прогласува за победник, а изборите недојдени, и веќе ги поделија функционерските места, што нудите од она што ние го направивме досега?“ потенцираше Пендаровски.

Тој заклучи дека со опозицијата има враќање назад, нови 10-20 години чекање додека не испреговараат исти договори и притоа немаат никаква гаранција дека она што веќе го има на хартија, дека тие тоа ќе го задржат, а тоа е чист македонски јазик и идентитет.

Треба да знаете
Moже да ве интересира