Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Почина Оливера Николова, една од најчитаните македонски писателки

Почина Оливера Николова (Скопје, 1936) , македонска писателка за возрасни и за деца, една од најплодотворните, најнаградувани и најчитани македонски писателки

Оливера Николова, која многумина ја нарекуваат „мајка на сите македонски писателки“, ја одбележа македонската книжевност во втората половина на 20 и почетокот на 21 век, затоа со право може да се смета за книжевен бард чии дела сe и ќе бидат сметани и во иднина за врв на македонската современа книжевност.

Дипломирала на Филозофски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Целиот работен век го поминала во Македонската радио-телевизија, работејќи како уредник и драматург. Таа e член на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година.

Оливера Николова е автор на неколку телевизиски игри: „Зоки Поки“ (тв-куклена серија); „Среќен пат, Зоки!“ (тв-куклена серија, со Глигор Поповски и Видое Подгорец); „Девојките на Марко“ (тв-серија во шест епизоди). Исто така, таа е автор и на неколку радио-игри: „Земја во која не се стигнува“, „Игра за мама“, „Од палец до сон“, „Како расте татковината“, „Големото зошто“ итн.

Вредностите на Оливера Николова во македонската книжевност за деца, од нејзината прва книга, континуирано, се мошне високо рангирани. Сите критичари кои се занимавале со нејзините книги за деца потенцирале дека со нејзиното творештво македонската книжевност за деца се збогатува со дотогаш неоткриени мотиви. Оливера Николова е писателка која сака секогаш да биде нова, која ја истражува и формата, но која пред сè, реагира на животот и на новините кои се случуваат во него менувајќи го сензибилитетот на современото дете.

И покрај богатиот книжевен опус, Оливера Николова е најпозната како автор на првиот градски лик во македонската книжевност – Зоки Поки. За своето творештво, Николова добила бројни награди. Така, за „Земја во која никогаш не се стигнува“ во 1966 година ја добила наградата на РТВ Скопје и СВП. Во 1975 година повторно ја добила истата награда, овојпат за делото „Пријателите Бон и Бона“. Во 1977 година по третпат ја добила таа награда, за делото „Мојот звук“, кое се закитило и со наградата „Младо покољење“ за 1978 година. Исто така, таа е добитник на „Змаевата награда“ за 1983 година за посебни постигнувања во современиот израз на литературата за деца.

Во октомври 2012 година, за романот „Куќичка“, таа била номинирана како македонски претставник за наградата „Балканика“. Во декември 2013 година, Оливера Николова го одбележала јубилејот 50 години од литературното творештво, исто колку и познатиот лик од нејзините раскази за деца, Зоки Поки. По тој повод, издавачката куќа „Детска радост“ објавила избор од творештвото на Николова во три тома, насловени како: „Ти чука ли срцето за мене?“, „Ми чука ли срцето за тебе?“ и „Ни чукаат ли срцата за нас?“. За своето книжевно дело, Николова ги освоила наградите „Стале Попов“, „Рациново признание“, два пати „Роман на годината“, „Рациновото признание“ и наградата „ПрозАРТ 2022“ на фестивалот „Про-за Балканот“ за авторски придонес за развојот на книжевноста на Балканот. Во февруари 2016 година, за романот „Кадифената покривка“ (издание на „Матица македонска), Николова ја добила наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга во 2015 година. Истовремено, романот „Куќичка“ бил објавен на српски јазик, во издание на „Арка“ од Смедерево.

Македонскиот експретседател Стево Пендаровски годинава им додели Орден за заслуги на седуммина истакнати уметници, значајни личности, творци од литературата, театарот, филмот и музиката.

Меѓу нив беше и Оливера Николова, која оставави траен белег во македонската литература.

Орденот за заслуги го доби пред својот скорашен 88-роденден, кој претседателот ѝ го однесе лично во нејзиниот дом. Орденот се дава на особено истакнати интелектуалци во различни области, а како што истакна претседателот на државата, таа одамна требало да го добие.

Николова низ разговор со претседателот навести дека можеби ќе има и ново дело по последното објавено во 2019 година.

„И во доцна возраст, да кажам, творите, не се предавате. Дали пишувате нешто поново сега?“, ја праша Пендаровски, а на тоа Николова одговори: „Многупати велам дека го затворам дуќанот, ама пак црвчето работи и така…“

Издавачката куќа „Арс Ламина“, под својот импринт „Арс Либрис“, во 2022 година го реобјави целокупното творештво за возрасни од Николова. Книгите, кои се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, се во ново руво и со нови поговори од значајни македонски професори, книжевници и писатели.

Зачлени се на нашиот е-билтен