„Политико“: ЕУ стравува дека владејачката партија во Грузија го попречува европскиот пат на земјата

 Грузија заостанува со другите кандидати за членство во Европската унија во трката за отворање на пристапните преговори, додека во Брисел, во исто време, расте стравот дека владејачката партија „Грузиски сон“ ги одложува клучните реформи и активно го опструира целиот процес, пишува „Политико“.

Според порталот, противниците на актуелната власт наведуваат дека потенцијалното членство во Европската унија е лоша вест за „Грузискиот сон“, за кој тврдат дека не сака да ги наруши односите со Русија.

Дополнително, тие посочуваат дека грузиските елити стравуваат дека нивните интереси би можеле да бидат оштетени со судските реформи што ги бара Европската унија. Во земјава во моментов се одржуваат масовни протести поради контроверзниот нов закон со кој невладините организации и медиумите кои добиваат средства од странство мора да се регистрираат како „странски агенти“, пишува „Политико“.

Освен тоа, незадоволните граѓани протестираат и против нацрт-законот кој, доколку биде усвоен, ќе воведе строги ограничувања за ЛГБТ+ заедницата во Грузија, вклучително и забрана за признавање на истополовите врски и забрана за одржување јавни манифестации како што е парадата на гордоста. 

Анкетите на јавното мислење покажуваат дека 79 отсто од граѓаните на Грузија сакаат да влезат во Европската унија, поради што грузиската Влада минатата година мораше да се откаже од сличен закон за „странски агенти“, кој сега повторно го предлага.

Портпаролот на Европската комисија, кој сакаше да остане анонимен, рече дека најавата на владејачката партија „Грузиски сон“ дека повторно ќе го воведе нацрт-законот за странски агенти е „сериозно загрижувачки развој на настаните“.

„Ја повикуваме Грузија да го повлече тој предлог-закон“, рече неименуваниот функционер.

Тој потсети дека Европскиот совет и додели на Грузија кандидатски статус, со заложба дека Владата на земјата ќе преземе голем број чекори на патот кон ЕУ.

„Ова вклучува обезбедување на слободата на собирање и изразување, како и слободно работење на невладините организации на кои треба да им се овозможи да учествуваат во законодавните процеси“, рече портпаролот на Комисијата. 

Треба да знаете
Moже да ве интересира