Голем шумски пожар попладнево избувна во атарот на селото Бајково, во Општина Ново Село, на падините на Огражден. Пожарот бил забележан околу 16:30 часот и почнал да се шири кон црквата „Свети Петар и Павле“.
На терен интервенираат пожарникарите од Струмица, доброволците од Доброволното противпожарно друштво „Рис“ и жители што помагаат во заштитата на верскиот објект.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, соопшти дека поради опасноста од натамошно ширење на огнот треба да бидат вклучени и два ер-трактори на ДЗС.
Пожарот гори на планински терен, а приоритет на екипите е пламенот да не стигне до црквата и да не се прошири кон околината.
До објавувањето на последните информации не беше соопштено дали има повредени лица, колкава површина е зафатена и дали огнот е ставен под контрола.
