Претставник на Ватикан повикан во МНР на Украина поради изјава на папата

 Апостолскиот нунциј во Украина, Висвалдас Кулбокас е повикан во Министерството за надворешни работи поради изјавата на папата Франциск оти Киев „треба да најде храброст за бело знаме“ и да преговара со Русија за крај на војната.

–  Наместо апели кои го легитимираат правото на силните и поттикнуваат непочитување на нормите на меѓународното право, од поглаварот на Светата столица се очекуваше да испрати сигнал до светската заедница за потребата веднаш да се обединат силите и да се обезбеди победа на доброто над злото, како и да се апелира до напаѓачот, а не до жртвите, се наведува во соопштението на украинското МНР.

Во соопштението се посочува и дека „Украина, како ниедна друга, бара праведен мир заснован на принципите на Повелбата на ОН и Формулата за мир предложена од претседателот на Украина, Володимир Зеленски“.

Папата Франциск во интервју за швајцарскиот јавен сервис РСИ, објавено на 9 март, апелираше да се започне преговарачки процес за Украина со помош на меѓународни посредници.

Папата Франциск ја употреби фразата „храброста на белото знаме“ тврдејќи дека Украина, соочена со можен пораз, треба да биде отворена за мировни преговори со посредство на меѓународните сили, што многумина го протолкуваа како повик за капитулација на Украина. 

Треба да знаете
Moже да ве интересира