Протестите во Албанија против проектот на Кушнер/Трамп се интензивираат

Албанија

Протестите против планираниот луксузен туристички комплекс од Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, во Албаниија се очекува да се интензивираат откако организаторите ја отфрлија понудата за дијалог од албанскиот премиер Еди Рама, објави Гардијан.

Илјадници луѓе излегоа на улиците на Тирана трет ден по ред, барајќи проектот да биде запрен. Некои демонстранти носеа надувувачки фламинга како симбол на загриженост за сериозна штета на животната средина. Нови протести се планирани и на југот на земјата, каде што веќе започнаа подготвителните работи за проектот вреден 1,6 милијарди долари.

„Од самиот почеток до денес, имаше недостаток на транспарентност. Немаше јавни консултации и немаше јавни информации за издадените дозволи“, рече Александар Трајче, директор на еколошката група PPNEA. Тој рече дека разговорите би можеле да започнат дури откако ќе бидат отстранети оградите, градежната опрема и засегнатите живеалишта.

И покрај јавните негодувања, Рама ја бранеше инвестицијата како важен чекор во развојот на Албанија и рече дека проектот нема да биде запрен додека тој е на власт.

Контроверзниот комплекс е планиран во областа на островот Сазан – единствениот остров во Албанија – како и во заштитените крајбрежни и мочуришни области околу лагуната Нарта и селото Звернец. Еколозите предупредуваат дека областа е меѓу највредните природни области во Медитеранот, дом на медитерански фоки-каурци и повеќе од 200 видови птици, вклучувајќи фламинга и далматински пеликани.

Јавното незадоволство се засили откако околу локацијата беа изградени бетонски огради со бодликава жица, беше ангажиран приватен тим за обезбедување и тешката механизација почна да ги расчистува дините и боровите шуми за идните патишта.

Во меѓувреме, Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата на Албанија (SPAK) објави дека отворило истрага за контроверзните законски измени од 2024 година поврзани со заштитените подрачја.

Компанијата на Кушнер соопшти дека проектот ќе се спроведува одговорно. „Нашиот фокус останува на одржливо управување, подобрување на животната средина, создавање работни места и долгорочни придобивки за локалните заедници“, рече Ашер Абешера, претседател на Sazan Real Estate Development LLC.

Рама, кој вети дека ќе ја внесе Албанија во ЕУ до 2030 година и активно бара странски инвестиции, ги отфрли тврдењата дека проектот ќе го загрози недопрениот брег на земјата. Тој нагласи дека преговорите за конечната инвестиција се уште се во тек и ја повика Албанија да остане привлечна за меѓународните инвеститори.

Сепак, противниците на проектот велат дека спорот оди подалеку од еколошките прашања и станува симбол на растечкото незадоволство од управувањето со земјата.

Најчитано