Бугарскиот премиер Румен Радев соопшти дека Бугарија повеќе нема да учествува во „Коалицијата на подготвените“, меѓународниот формат преку кој европските и други сојузнички држави ја координираат воената и финансиската поддршка за Украина и ги подготвуваат идните безбедносни гаранции за земјата.
Радев потврди дека лично добил покана од францускиот претседател Емануел Макрон за учество на состанокот во Париз, но оценил дека Бугарија не треба да биде дел од иницијативата.
„Ние не учествуваме во коалиција која инсистира на продолжување на финансиската и воената помош за Украина. Таква помош не обезбедуваме, бидејќи верувам дека решението на конфликтот не е во неговото продолжување со воени средства, туку во силна дипломатска мисија која конечно ќе стави крај на ескалацијата“, изјави Радев на 14 јули во Париз.
Иако во јавноста одлуката се толкува како излегување на Бугарија од коалицијата, станува збор за неформален меѓудржавен формат, а не за организација заснована врз меѓународен договор со формална процедура за членство и повлекување. Практично, одлуката на Радев значи дека Софија повеќе нема да испраќа претставници на состаноците, да учествува во заедничкото планирање и да презема нови обврски за воена и финансиска поддршка на Киев.
Бугарија учествуваше на претходните состаноци на коалицијата, но немаше претставник на самитот одржан на 13 јули во Париз. Радев присуствуваше во француската престолнина како гостин на воената парада по повод Денот на Бастилја, на која учествуваа и бугарски гардисти, но не присуствуваше на состанокот посветен на Украина.
Одлуката е продолжение на промената во бугарската надворешна и безбедносна политика по доаѓањето на Радев на чело на Владата. На 10 јуни неговиот кабинет официјално соопшти дека прекинува со испраќање вооружување од резервите на бугарската армија за Украина. Бугарија претходно обезбедуваше муниција, оклопни возила и друго вооружување, директно или преку европски посредници, а во март 2026 година потпиша и десетгодишен договор за безбедносна соработка со Киев.
„Коалицијата на подготвените“ беше воспоставена во февруари 2025 година под водство на Франција и Обединетото Кралство. Форматот обединува држави што се подготвени да обезбедуваат оружје, системи за противвоздушна одбрана, муниција, обука, финансиска помош и долгорочни безбедносни гаранции за Украина. Дел од членките подготвуваат и планови за распоредување мултинационални сили по евентуалното постигнување прекин на огнот, со цел да се спречи нов руски напад.
На самитот во Париз учествувале претставници на 40 земји, а Македонија и Молдавија биле наведени како нови учесници во коалицијата. Состанокот бил насочен кон зајакнување на украинската противвоздушна одбрана, развој на нови воени капацитети, борба против руската таканаречена флота во сенка и подготовка на долгорочни безбедносни гаранции.
Десет земји, заедно со Украина, во Париз најавија и воспоставување интегрирана коалиција за одбрана од балистички ракети. Основачи се Франција, Германија, Обединетото Кралство, Италија, Данска, Холандија, Норвешка, Шпанија, Шведска и Украина. Целта е развивање европски систем за пресретнување балистички ракети, врз основа на украинското воено искуство и европските одбранбени технологии. Бугарија не е меѓу основачите.
Радев тврди дека прашањата поврзани со колективната безбедност треба да се решаваат во рамките на НАТО и Европската Унија, каде што Бугарија продолжува да учествува. Таквата позиција значи дека Софија не се повлекува од формалните сојузнички обврски, но се дистанцира од доброволните иницијативи што предвидуваат дополнителна воена помош за Украина надвор од редовните механизми на НАТО и ЕУ.
Европскиот совет во јуни повторно ја потврди поддршката за создавање сигурни и долгорочни безбедносни гаранции за Украина, особено преку „Коалицијата на подготвените“ и во соработка со САД. Одлуката на Радев затоа ја поставува Бугарија надвор од еден од клучните формати преку кои европските држави ја планираат идната безбедносна архитектура на Украина и поширокиот црноморски регион.
Бугарија претходно најавуваше дека би можела да учествува во поморските безбедносни гаранции преку активности во Црното Море, без испраќање копнени сили во Украина. Софија, заедно со Романија и Турција, има директна улога во црноморската безбедност, заштитата на трговските маршрути и отстранувањето морски мини. Повлекувањето од коалицијата ја остава неизвесна можноста Бугарија да учествува во идните мултинационални операции поврзани со Украина.
Од „Демократска Бугарија“ ја критикуваа одлуката, оценувајќи дека државата доброволно го напушта местото каде што се носат важни одлуки за европската одбрана, противракетната заштита, безбедноста во Црното Море и заедничкото производство на оружје со Украина. Според партијата, националниот интерес не се брани со празно столче, туку со присуство на состаноците и влијание врз одлуките.
Политиката на Радев кон Украина се совпаѓа со неговите претходни ставови дека испраќањето оружје ја продолжува војната и дека Европа треба да вложи повеќе во дипломатски преговори со Москва. Тој се залага и за обновување на прагматичните односи со Русија, а во јуни се закани со бугарско вето на 21. пакет санкции на ЕУ доколку не бидат прифатени барањата на Софија за отстранување одредени руски лица од санкцискиот список.
