Албанскиот премиер Еди Рама влезе во остра расправа со новинарката Иса Соарес во интервју за CNN, откако беше прашан за контроверзниот туристички проект кај Звернец, поврзан со инвестициски структури блиски до Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп. Проектот во последните денови предизвика масовни протести во Албанија, поради стравувањата дека може да го загрози заштитеното подрачје Вјоса-Нарта, кое е живеалиште на фламинга, морски желки и други видови.
Рама во интервјуто тврдеше дека „проект сè уште не постои“ и дека сликите што кружат во јавноста се дезинформации создадени и ширени на социјалните мрежи. На прашањето дали инвестицијата продолжува или е запрена, тој повеќепати одговори дека нема финален проект, дека проценката за влијанието врз животната средина сè уште се изработува и дека јавноста не може да суди врз основа на непотврдени визуелизации.
Новинарката инсистираше да добие појасен одговор, особено по извештаите дека албанското Специјално обвинителство за борба против корупцијата ја разгледува постапката околу земјиштето и статусот на заштитените зони. Рама возврати дека не станува збор за истрага за инвестицијата, ниту за Кушнер или за Трамп, туку за прашања поврзани со приватна сопственост на земјиште.
Контроверзијата околу Звернец се засили по протестите во Тирана, каде што демонстрантите носеа симболи на фламинга и пораки против уништување на крајбрежјето. Reuters објави дека планираниот развој се однесува на дел од албанскиот брег во близина на заштитеното подрачје Вјоса-Нарта, а противниците на проектот предупредуваат дека може да бидат погодени стотици хектари природен простор.
Рама, пак, ја брани инвестицијата како можност за развој и за висококвалитетен туризам. Во интервјуто рече дека целта не е да се изгради „град“ ниту „да се истури бетон врз главите на фламингата“, туку да се покаже дека развојот и природата можат да коегзистираат. Според него, во подготовката се вклучени светски архитекти, инженери за животна средина и консултанти за проценка на влијанието.
Случајот Звернец веќе прераснува од еколошка во политичка тема. За владата во Тирана, инвестицијата е дел од пошироката стратегија за привлекување странски капитал и развој на елитен туризам. За активистите и дел од јавноста, таа е тест за тоа дали Албанија ќе ги почитува сопствените и меѓународните правила за заштита на природата, особено во период кога земјата настојува да го забрза европскиот пат.
