Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Речиси два милиони луѓе без струја поради невремето во Русија и окупираниот дел на Украина

 Речиси два милиони луѓе останаа без струја во Русија, Крим и окупираните области на Украина поради силното невреме кое медиумите го нарекоа „мега бура“, соопшти денеска руското Министерство за енергетика. 

Силно невреме и огромни бранови од вчера ги погодија јужните делови на Русија и Крим, при што се урнати далноводи, паднати се дрвја, поплавени се патиштата, соопштија денеска локалните власти.

Најтешко погодени области се Крим, кој беше припоен кон Русија во 2014 година, потоа југот на Русија и дел од окупираната украинска територија Доњецк, Луганск, Запорожје и Керсон.

Шефот на руската метеоролошка служба изјави дека бурата што го погоди Крим е најсилната откако се водат податоци. Во некои региони прекинато е и водоснабдувањето и градскиот сообраќај.

Регионалните власти организираат активности за надминување на последиците од катастрофата и се подготвуваат за влошување на времето, како што предупредија синоптичарите и службите за вонредни состојби.

Во Краснодарската област, каде се наоѓаат одморалиштата Сочи и Анапа, ветерот синоќа откорнал стотици дрвја и урна метални конструкции на плажите, а има и повредени, соопшти денеска локалниот огранок на руското Министерство за вонредни ситуации. 

Во Витјазево, во близина на Анапа, голем товарен брод под знамето на Белизе се насука во невреме, изјави истиот извор. Во Сочи железничкиот сообраќај беше во прекин поради паднати дрвја. На Крим, Црното Море се излеа на автопати, а руската телевизија емитуваше слики од бранови кои удираат во автомобили на поплавен пат.

Гувернерот на Крим, Сергеј Аксинов преку Телеграм објави дека за денеска прогласил неработен ден поради невремето и вонредна состојба во повеќе области на полуостровот.

Од невремето е зафатена и соседна Украина, каде повеќе од 2.000 места се без струја, а патиштата се непроодни поради снежната бура.

Во московската област падна најголемиот снег во последните 40 години, изјави гувернерот.

Невреме и снег вчера имаше во Романија и Молдавија. Едно лице загина, а многу места се без струја.

Зачлени се на нашиот е-билтен