Реконструкцијата пред финале: Мицкоски вечерва ќе ги соопшти новите министри

Мицкоски

Владините партнери постигнале принципиелен договор за распределбата на ресорите во најавената реконструкција на Владата, а имињата на новите министри треба да бидат познати вечерва.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека разговорите со коалициските партнери ВРЕДИ и ЗНАМ за ресорите се практично завршени, но одби да открие детали пред состанокот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

По седницата на партиското раководство треба да биде објавен конечниот предлог за новиот состав на Владата.

Во јавноста веќе подолго време се споменуваат можни промени во неколку министерства, но Мицкоски не потврди ниту едно име, ниту која партија со кој ресор ќе раководи по реконструкцијата.

Предложените кадровски решенија се очекува да бидат доставени до Собранието в среда или четврток.

Засега не е познато колкав број министри ќе бидат сменети. Доколку реконструкцијата опфати помалку од една третина од членовите на Владата, Собранието ќе гласа за секој нов министер поединечно.

Ако бидат сменети повеќе од една третина од министрите, може да биде потребен избор на целосно нов владин состав.

Мицкоски претходно најавуваше дека реконструкцијата нема да биде само кадровска замена, туку треба да донесе и прераспределба на дел од ресорите меѓу коалициските партнери.

Конечниот распоред ќе покаже дали ВРЕДИ и ЗНАМ ќе ги задржат министерствата со кои досега раководеа и кои ресори ќе преминат под директна контрола на ВМРО-ДПМНЕ.

Најчитано