Владата ќе ги предупреди трговците кај кои анализата покажала зголемени маржи, откако Министерството за економија и труд ги проверило цените на меѓу 600 и 700 производи. Иако надлежните утврдиле дека дел од трговците заработуваат повеќе отколку во истиот период минатата година, засега не се најавени казни, задолжително ограничување на маржите или друга конкретна мерка за намалување на цените.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека наскоро во Министерството за економија и труд ќе се одржи состанок со претставници на трговскиот сектор. Според него, во најкус можен рок потоа ќе бидат преземени „соодветни мерки“, но не прецизираше што ќе опфаќаат тие мерки и кога би почнале да се применуваат.
Анализата покажала дека кај дел од производите бруто-профитните маржи се зголемени за два до пет процентни поени во споредба со истиот период минатата година. Мицкоски го илустрираше тоа со пример според кој маржа што претходно изнесувала 10 проценти сега достигнува 12 или 15 проценти.
Одговорот на Владата за трговците кај кои е забележано вакво зголемување, според досега соопштеното, ќе биде предупредување.
Во премиерската изјава не беа објавени имињата на трговците, производите кај кои биле утврдени повисоки маржи, методологијата на анализата, ниту евентуалните последици доколку цените и маржите не бидат коригирани.
Владата ја претставува најновата статистика за инфлацијата како позитивен резултат. Годишната инфлација во јуни изнесувала 3,4 проценти, додека во споредба со мај трошоците за живот се намалиле за 0,5 проценти. Сепак, податокот за годишната инфлација значи дека животните трошоци и натаму се повисоки отколку во јуни минатата година.
Мицкоски изјави дека инфлацијата кај храната и безалкохолните пијалаци изнесувала 2,5 проценти, а кај облеката и обувките 2,1 процент. Како поголеми двигатели на инфлацијата ги наведе тутунот, алкохолот и транспортот.
Премиерот оцени дека податоците се успех во услови на глобална економска неизвесност и ја спореди сегашната стапка со инфлацијата од 14 до 15 проценти забележана во 2022 година. Но, за потрошувачите клучното прашање не е само дали инфлацијата забавува, туку дали цените на основните производи ќе се намалат и кога ќе почувствуваат реално олеснување.
По анализата на стотици производи и утврдените повисоки маржи, Владата сè уште не соопшти обврзувачка одлука. Засега, трговците што ги зголемиле маржите ќе бидат повикани на состанок и предупредени.
