Грешките и катастрофалните чекори што Владата на Христијан Мицкоски ги презема откако ја предводи државата се покриваат со закани и заплашувања за дестабилизација на државата.
Вака го анализира кусото владеење на Мицкоски долгогодишниот новинар и колумнист, Ерол Ризаов во својата последна колумна за Дојче Веле на македонски насловена „Каде оди и нè води Мицкоски“.
Претставувањето на земјата на меѓународен план, пожарите што беснеат дома и низа други скандали се само дел од потезите што Мицкоски сака да ги прекрие со наводни непријателски активности од кои тој и ВМРО-ДПМНЕ ќе нè спасуваат.
Завиваат вмровските сирени за тревога и мобилизација. Ечат повици за единство за одбрана на Македонија од лошите Албанци стационирани во ДУИ. Добрите пак Албанци се со власта.
„Последниот обид да се прикријат катастрофалните потези на владата во низа, додека гори од пожари цел месец државата, е дека ДУИ подготвува дестабилизација на Македонија и нарушување на територијалниот интегритет. Завиваат вмровските сирени за тревога и мобилизација. Ечат повици за единство за одбрана на Македонија од лошите Албанци стационирани во ДУИ. Добрите пак Албанци се со власта. Нешто слично како патриотите Македонци и предавниците Македонци. Другите каде и да се и со кого да се, не се битни. Со други зборови, се подготвува граѓанска војна, за потоа да следува задолжителната утешителна порака – владата и лично Мицкоски нема да го дозволат тоа“, пишува Ризаов.
Ваквото однесување, додава тој, потсетува на однесувањето на српскиот претседател, Александар Вучиќ и унгарскиот премиер, Виктор Орбан. Сепак, според Ризаов, Мицкоски е само нивна бледа копија и многу брзо по изборите ги заборавил националистичките и нереални ветувања со кои дојде на власт – промена на договорите со Грција и Бугарија.
„Бев убеден дека новата влада и премиерот Христијан Мицкоски по победата на изборите ќе ја применат прагматичната политика на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. За тоа да го направат имаат комотно двотретинско мнозинство во Парламентот. Таа политичка доктрина одамна позната во светот и секогаш актуелна е многу едноставна. Мислев дека така ќе се обидат да ги неутрализираат големите лаги што со години ѝ беа сервирани на јавноста и Македонија ќе ги продолжи преговорите со ЕУ по брзото усвојување на уставните измени и ќе се постигне неопходниот консензус за спроведување на сложените реформи за членство во ЕУ“, анализира Ризаов.
Сепак, според него, постапките на Мицкоски и двојните аршини за надвор и дома не одаваат впечаток дека Владата ќе се зафати реформите. Наместо тоа, евроинтеграцијата се претставува како надворешно, а не како домашно политичко прашање.
„Прикривањето на оваа вистина кај нас има друга цел која веќе се открива. А, тоа е одложувањето на преговорите со ЕУ. Читај одложување на спроведување на реформите за догодина, или уште подоцна по локалните избори и евентуално по уште едни предвремени парламентарни избори. Затоа се потребни нови петстотини, или многу веројатно цела милијарда евра кредити кои нема да бидат под строга финансиска контрола на заемодавачите, туку се резултат на една политичка зависност на авторитарни држави чии фактури допрва ќе стасаат како сакана награда за една спротивставена политика на ЕУ. Одложувањето на преговорите со ЕУ е многу опасна и скапа работа која ја прави неизвесна иднината на Македонија. Тука треба да се бараат причините за можната дестабилизација на државата“, пишува Ризаов.