Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

САД потврдија дека Севернокорејци се борат за Русија

Соединетите Американски Држави објавија информација дека моментално има осум илјади севернокорејски војници во руската област Курск. Информацијата ја сподели на седницата на Советот за безбедност заменик американскиот амбасадор во ОН Роберт Вуд.

Вуд го прашал рускиот колега дали Русија се уште верува дека на нејзина територија нема војници од Северна Кореја, а рускиот претставник во 15-членото тело не му одговорил.

Москва ниту го демантираше, ниту директно го потврди присуството на севернокорејски војници. Пјонгјанг првично ги негираше тврдењата, но подоцна ја бранеше идејата за испраќање своја војска, велејќи дека тоа е во согласност со меѓународното право.

Во август оваа година, украинските сили влегоа во руската погранична област во областа Курск, каде што сè уште ја држат територијата.

Советот за безбедност се состана во четвртокот на барање на Русија во врска со испораката на оружје од западот во Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го критикуваше недостатокот на одговор на западот кон Русија, откако таа ги вклучи севернокорејските трупи во војната. Тој нагласи дека слабиот одговор на меѓународната заедница може да го охрабри рускиот претседател Владимир Путин да го зголеми тоа воено присуство.

Во изјава за јужнокорејската телевизија КБС, украинскиот лидер рече дека верува оти Москва се обидува да постигне договор со Пјонгјанг за испраќање воени инженери и „голем број цивили“ да работат во руски фабрики за оружје.

„Путин ја проверува реакцијата на Западот и верувам дека по сите овие реакции ќе одлучи да го зголеми контингентот. Реакцијата денеска е ништо, нула“, посочи Зеленски.

Тој почна да предупредува за присуството на севернокорејски војници во Русија на 13 октомври. Западните сојузници тоа го нарекоа голема ескалација, но не одговорија со мерки ниту најавија дека ќе го сторат тоа.

Зачлени се на нашиот е-билтен